Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Скопје изрази поддршка во името на институцијата на чие чело е и во лично име на отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ што е можно побрзо.
На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев попладнево во Скопје, таа ни порача да не губиме верба, после толкав изоден пат и постигнат напредок.
Таа ги поздрави реформите што државава ги спроведува, особено, како што рече, во областа на владеење на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, посочувајќи оти е важно да се продолжи со тој напредок, изразувајќи уверување оти тоа ќе биде наградено.
Заев се осврна на блокадата од Бугарија на овој процес истакнувајќи дека не е во духот на оваа определба и оти секое продолжување на блокадата ги храбри ретроградните сили кои се против присоединувањето кон ЕУ.
– Европските вредности на ЕУ се и вредности и на земјите кандидати од Западен Балкан, и директно доведени во прашање заради оваа блокада. Ние ги направивме сите неопходни чекори и очекуваме Бугарија да го откочи процесот и да ја одобри преговарачката рамка, рече Заев.
Скопје е втора станица на Фон дер Лајен на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Претходно денеска таа беше во Тирана, а до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан.
Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.
Еден ден по посетата на Фон дер Лајен, утре во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со ЕУ.