Скоро и да нема повисок функционер кој не кажал дека приоритет е градењето на автопатот кој централниот дел од Македонија ќе го поврзе со Прилеп и Битола. Сите знаат дека е неопходен, сите се силат додека работат ТВ камерите, сите…
Во Македонија веројатно нема патна делница која подолго е спомнувана како проритет кој мора да се изгради од релацијата меѓу Велес – Прилеп и Битола. Цели петнаесет години тој проект се споменува дека е неопходен, дека ќе ги забрза патувањата од источниот и централниот дел од земјата кон Битола и Прилеп, се спомуваа и пресметки и планови, ама… И понатаму автомобилите, камионите, автобусите… од Велес кон Битола одат по стариот пат со две ленти, со опасни свиоци кај Фариш, со искачување на Плетвар, со… За жал освен честите празни ветувања дека ова ќе се смени слушаме и за многуте сообраќајни несреќи на оваа стара и недоволно безбедна делница. Зошто е така? Зошто овој важен пат е заборавен?
А во меѓувреме, иако и таму со незадоволително темпо и огромни доцнења, сепак се градат делницте во источниот дел од земјата, како и автопатот од Кичево кон Охрид. Тука во централнот дел од земјава – излегување на градежници на терен ниту на повидок. Битолчани и прилепчани и натаму се осудени долго и несоодветно на 21-от век да патуваат кон Велес и Скопје. Да не зборуваме пак каква е железница на оваа релација.
Населението кое живее во овие реони каде треба да помине новиот пат често укажува дека е неопходно овој автопат да биде направен, но полека стануваат и се поголеми песимисти дека тоа во наредниве години и ќе се случи.
– Автопатот Градско-Прилеп-Битола и до граничниот премин Меџитлија е од витално значење за овој регион. Делницата Битола-Прилеп е во лоша состојба, крајно амортизирана и треба да возиш со 80 км/ч. На Плетвар е истата ситуација, коловозот е уништен од камионите кои носеа руда за Фени од Драч и на кои никој не им ја контролираше носивоста. Делницата Велес-Скопје во еден дел се вози на една лента затоа што патот е во градба, укажува битолчанецот Младен Алтипармаковски.
Надлежните од владите кои се менуваа во изминативе петнаесет години овој автопат постојано го споменуваа во своите изборни програми. Актуелнава власт само реди нови ветувања и најави. Премиерот Зоран Заев кон крајот на минатата година во Прилеп изјави дека почнуваат работите на идејното решение за автопатското решение кое ориентационо би чинело околу 600 милиони евра. Во април годинава актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски дури најави дека „годинава очекува да почне да се гради автопатот, а за што бил потпишан и соодветен меморандум“. Најави дека со тоа ќе се оди во Собрание на одобрување, но…
– Со актуелна власт овој автопат никогаш нема да биде изграден, а тој е навистина потребен, вели Пецо Маркоски од Прилеп.
Дали нешто ќе се смени во наредниов период останува да се види. Но, дотогаш пред се битолчани и прилепчани се оставени да се снаоѓаат по старите патишта кои треба да им се чинат дека се нови.
Требаше ли да се градат тунели?
Граѓанинот Младен Младен Алтипармаковски смета дека подобра опција беше да се градат тунели отколку патните превои на планините во земјава.
-Патната структура во Македонија можеше да се реши со 5 тунели – 1.Плетвар 2. Ѓавато (Битола-Ресен) 3. Буково (Ресен-Охрид) 4. Стража и 5. Валандово-Струмица. Но, нерешителноста и спротиставените идеи влечат корен уште од Југославија кога имаше неколку решенија кои се влечат и сега. Едното решение беше тунел под Плетвар, второто решение беше трасата преку Богомила и третото решение преку Плетвар. Секако дека требаше да се реши уште пред најмалку 20 години, напоредно со изградба на брзи железници, потенцира тој.