Во каква форма и дали ќе продолжи да постои мешовитата историска комисија со Бугарија, од која вчера си замина македонскиот историчар Ванчо Ѓеорѓиев? Одговор до овој момент нема. Професорот посочи сега заминува-дава оставка поради политички притисоци и минење на македонските национални црвени лини. Ова оркестрирано беше искритикувано од Владата, МНР, но и од самата комисија која тврди дека притисоци немало.
Институциите го обвинија дека го користи предизборниот момент за политичко поентирање во корист на опозицијата. Ѓеорѓиев вели кажал се што има преку соопштение, а дополнителните медиумски настапи засега ги остава на страна бидејќи не сака да бидат злоупотребувани во политичката кампања.
Чиј аргумент е вистинит ќе покаже периодот што следи. Има ли притисоци од политиката? Дали комисијата ќе си донесе нов историчар на местото на Ѓеорѓиев и ќе си продолжи со работа- бидејќи во спротивно ако остави празно распределбата на бугарски и македонски историчари внатре ќе биде нерамномерна, или пак ќе остане вака? Ќе излезе ли детално претседателот на комисијата јавно да објасни што се случува за македонските граѓани да немаат дилеми дека повторно се договара некаква распродажба на македонскиот идентитет? Дали работењето на комисијата не е најдобро да се замрзне за догледно време?
Од одговорите на овие прашања ќе биде јасно дали македонските историчари се во мешовитата комисија водени од принципот на заштита на македонската историја, или од други политички побуди, како и чии аргументи тежат повеќе: дали оние на Ѓеорѓиев кој вели не сака да биде дел од комисија што одлучува под политички притисоци на штета на Македонија, или тие на самата комисија и Владата.