Со Гордана Бешлиовска, која е на чело на Унијата на здруженијата на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри зборуваме за проблемите со недостиг на медицински сестри и техничари во болниците во Македонија…
Кризата со корона вирусот, но и не само таа, покажа дека во Македонија постои недостиг на медицински кадар. Каква се сегашната состојба?
– Бројот на медицинските сестри во болниците конкретно во стационарите, каде се лежечките пациенти се формира врз основа на три стандарди и тоа: по број на пациенти, по број на креветна зафатнина и по број на лекари. Според овие стандарди на 3-4 пациенти од елективна природа треба да има една медицинска сестра, додека во интензивните неги една до две медицински сестри на еден пациент. На едно одделение со 30 пациенти треба да има 8 – 9 медицински сестри во утринската смена, и континуирано 4 до 5 во сменска работа.
Ако на утринска визита во болничка соба има некогаш и по 10 и повеќе лекари ќе видите најмногу 2-3 медицински сестри. Од тука може да предпоставите колкав е дефицитот на медицински сестри. Според бројот на жители треба да има 700 до 800 сестри на 100.000 илјади жители, а ние сме 350 до 400 според неофицијалните бројки или вкупно околу 7.500. Значи, недостасуваме 50 проценти. Пандемијата дополнително ги оптерети сестрите кои се круцијалниот дел. Сестрите носат многу голем терет и се справуваат, но тој е многу тежок.
Зошто во земјава ни се случи таков недостиг на среден медицински кадар? Што се причините? Дали навремено се водела сметка за причините?
– Треба континуирана инвестиција во медицински сестри нивното образование и учество во здравствената политика, потребно е планирање и проекција за потребите во здравствените установи. Потребна е спрега на Министерство за здравство и за образование. Ние имаме четири високо образовни институции за сестри кои произведуваат секоја година доволен број на медицински сестри кои, патем, ако се со несоодветно стручно медицинско училиште не се конкурентни на тековните конкурси кој се распишуваат исклучиво за сестри со Средна стручна подготовка, а истото не се признава во континуитет.
Но, голем проблем е и трендот на заминување во странство во потрага по подобри и подостоинствени услови. Тука е, секако, и одлевањето од Јавното во приватното здравство.
Како, според Вас, треба да се реши овој проблем со недостиг на медицински кадар? Кои се ваши решенија? Имаат ли слух надлежните за тоа?
-Ние како Унија на здруженија на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри предводена од здружението „ЗА-НАС“ секогаш нудиме решенија за нашите проблеми. Но, за жал, ние не сме инволвирани во здравствената политика ниту пак имаме учество во носењето на одлуки. Нашата сплотеност и многубројност го подига гласот на фелата и до сега голем број на барања ги преточивме во одлуки. Истовремено, многу идеи не дозволивме да поминат во одлуки. Успеавме да оствариме одредени потреби но, за жал, многу одлуки се времени, не се уште до крај решени. Впрочем, од тука е и нарушеното достоинство на нашата професија.
Кои се уште главните проблеми кои ги потенцираат медицинските сестри и техничари низ својата работа а кои треба ургентно да се решаваат?
– Нашата стратегија и цел е да ја ставиме професијата во редот на законски регулирани професии. Се додека не го добиеме законот ние ќе ги имаме проблемите и ќе бидеме и дефицит и незадоволни. Законот треба да не регулира по сите основи, образование, интервенции, компетенции (работни задачи), кој се многу. Тие треба да ни ги зададат одговорностите според нашето образование. Треба да бидеме вклучени во образовниот процес, ние да ја водиме клиничката пракса бидејки ние сме носители на здравствената нега и истата ја работиме. Ниту еден лекар не работи нега на болен за да подобро од нас да ја пренесе на идните медицински сестри.
Стратешки треба да бидеме заштитени од синдромот на согорување, бенифициран стаж оти треба да сме на листата со тие професии. Коефициентите на ССС да бидат покачени, високото образование да биде континуирано признаено, специјалистичките студии и да бидеме вклучени во научно наставни програми.
Се може да се реши, а ние како Унија сме подготвени во секое време да учествуваме изработката на законот. Ние сме единствено во регионот и пошироко каде професија не регулирана со закон. Искрено се надеваме дека наскоро ќе го вратиме достоинството на професијата.