Новото парламентарно мнозинство кое синоќа го објави ВМРО-ДПМНЕ ги изненади – шокира СДСМ и ДУИ. Двете партии предводени од Зоран Заев и Али Ахмети веднаш почнаа да пишуваат соопштенија, да праќаат апели, да вртат телефони, да објаснуваат дека другата опција не е доброто за Македонија…
-Ние сме на страна на граѓаните и државата. Ги повикуваме на соработка сите демократски сили и пратеници, да не остават траен печат со својот глас за нови кавги, уназадувања и меѓуетнички конфликти. Народот виде како на иста маса седнале претставниците на анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Преспа и анти-демократските структури во земјава, учесниците во крвавите дејства од 27 април, заедно со оние кои декларативно се залагаат за евро-атланскиот курс на земјата и тепани на истиот 27 април, напишале СДСМ.
По повеќегодишното владеење на ДУИ сега по прв пат партијата е пред реалната можност да премине во опозиција. Ахмети порачува дека постапуваат ниту со емоција, ниту со еуфорија.
– Состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите страни со исклучок на тие кои ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за доброседство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик. Исто така, за актуелните случувања во контакт и кординација сум со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и ЕУ. Нема да постапуваме ниту со емоција, ниту со еуфорија, пишал Ахмети на Фејсбук.
Од СДСМ ја уверуваат јавноста дека новото мнозинство „не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт“.
-СДСМ нема да дозволи дестабилизација на земјата, поништување на Договорот од Преспа, нови кавги со соседите, соопштуваат во партијата.
За потсетување синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека има ново парламентарно мнозинство.
-Имаме ново парламентарно мнозинство, објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на социјалните мрежи, споделувајќи фотографија со високи претставници од ААА, Левица и Беса.
Влада предводена од СДСМ е минато, истакна тој, објаснувајќи дека ја очекуваат оставката од Зоран Заев, а доколку тоа не се случи, ќе поднесат постапка со која ќе се изгласа недоверба на Владата.
Апасиев пак напиша: Крај на заевизмот – ДУИ конечно опозиција!