Вечерва со почеток во 20 часот, на репертоарот на Филхармонија е концертот „Фрески“, на кој гостинка е една од најдобрите пијанистки Јеол Еум Сон од Јужна Кореја.
Концертот е насловен според истоименото дело на македонскиот композитор Благоја Ивановски, кое ќе биде изведено заедно со Концертот за пијано и оркестар бр.2 и „Танцот на смртта“ од Камиј Сен-Санс.
Благоја Ивановски (1921–1994) е македонски композитор од втората генерација македонски повоени творци. Заедно со Глигор Смокварски и Кирил Македонски, бил еден од втемелувачките на современиот македонски симфонизам.
Што се однесува до јужнокорејската пијанистка Јеол Еум Сон, таа е оценета како врвен изведувач со грациозна и безвременска интерпретација, кристален и разнобоен тон и возбудливи изведувачки перформанси.