Обвинување дека власта му врши притисок преку упадот на Финансиската полиција во неговиот дом во Струга, објави денеска Јован Јаулески, пратеник на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Во објавата на Фејсбук Јаулески наведе дека се врши претрес но дека притисокот што се прави нема да успее.
-Не ви се плашиме, денес хибридниот режим ќе заврши! Од 5.30 до овој момент во мојот дом упадна и врши претрес Финансова полиција, напишал на Фејсбук пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој за медиумите подоцна објасни дека финансиската полиција дошла во домот каде што живеат неговите родители со налог да се изврши претрес за истражна постапка за фирмата каде што работи неговиот татко кој работи во ЕВН.
Јауелски е дел од пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој денеска треба да присуствува на седницата за гласање на довербата во Владата што го инцираа опозициските пратеници кои тврдат дека имаат мнозинство од 61 пратеник.
Од друга страна, Финансиската полиција со своето соопштение демантира дека цел на истрагата е Јаулески.
-Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома ниту, пак, кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени во „ЕВН електрани“ ДООЕЛ и „ЕВН Македонија“ АД Скопје“, соопштија од финансиската полиција.