Имавме херои низ историјата за разлика од некои кои денеска ги продаваат идеалите

Во соблекувалните им велев на фудбалерите: „Вие сте современите Гоце, Јане, Питу…“, ги поистоветував со војводите, Им викав: „Ајде војводи, биеме битка за Македонија“. Им го кревав моралот и победувавме…

 Првиот македонски фудбалски селектор и легендарниот играч и тренер на Вардар Андон Дончевски, кој неодамна наполни 86 години, смета дека политичарите не се грижат за напредок на државата.

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

-Чувството на полна душа и срце. Истовремено, и мислите за сите оние кои низ минатото го дале својот придонес, животи и други жртви Македонија да биде самостојна, независна и слободна држава на Македонците и на сите лојални граѓани. Во мислите ми се сите оние херои кои несебично се жртвувале за тоа, кои своите животи и ги подариле на својата татковина Македонија. Тоа е онаа земја за која мечтаеле сите комити и војводи, кои живееле за неа, како Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Никола Карев… Се гордеам што сме имале такви херои низ историјата за разлика од некои кои денеска ги продаваат таквите идеали.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

-Грешките се во тоа што народот дозволи да таквите Влади да владеат со нас какви што имавме до сега. Се избираа луѓе, политичари, кои се профитери, кои не ја ставаа Македонија на прво место туку ги ставаа своите лични интереси. Оттаму и имаме премиери кои на почетокот немале ништо, а сега имаат милиони евра и кои профитирале од позициите кои ги имале. А за напредок на Македонија и на македонскиот народ воопшто не им беше грижа.

Грешките се и во тоа што мораше да се прифаќаат сите тие менувања на Уставот под притисок на заканите и на уцените. А тоа и сега ни се случува.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

-Состојбата е таква што граѓаните го даваат она што треба, а оние на власта само си го користат народот. Сведоци сме на тоа кому се му се даваат тендери, на тоа какви се малверзации се прават. Тие што се на власта треба да знаат дека македонскиот народ не се некои Јанко, Петко или некој друг туку целиот народ и дека за целиот народ треба да се работи. За жал, народот нема заштита од власта. 

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

-Сум дал според моите можности, мислам, многу за Македонија. И како тренер на Вардар и како селектор на македонската фудбалска репрезентација. Мислам дека она најбитно што сум го дал е тоа што на моите играчи сум им го всадил духот на Македонија. Во соблекувалните им велев: „Вие сте современите Гоце, Јане, Питу…“, ги поистоветував со војводите, Им викав: „Ајде војводи, биеме битка за Македонија“. Им го кревав моралот и победувавме во Белград, Загреб, Сплит… Во Брисел, на натпреварот со Белгија, барав да кажат дека се игра со Македонија, а за време на интонирањето на химната им кажав на играчите да се свртат кон нашите навивачи и развиорени македонски знамиња. Им кажував да се борат за Македонија и дека и тие треба да го дадат својот придонес за неа.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

-Посебно се гордеам со Македонија во периодот по Втората светска војна, по ослободувањето, по АСНОМ. Но, за жал, сега сето тоа духовно и друго богатство сега ми е исчезнато. Народот е доведен до беспаќе, едноставно не знае каде да тргне. Мене, лично, душава ми се срами од она што се случува сега во Македонија, од тоа разнебитување. До таму се срамам да не можам да кажам дека сум Македонец.

Што Ви недостасува, а што би одзеле од државата?

-Ми недостасува убава, чесна Македонија со еден безгрижен народ. А отповеќе ми е овој хаос кој што се случува и кој секојдневно го гледам во мојата земја со посредство на социјалните мрежи. Не гледам ниту една светла работа. Нешто прогресивно и да се појави веднаш се задушува. Наведната и свиткана кичма сабја не ја сече но ниту ја грее сонцето.

 ТРЕБА ДА ОСТАНЕ МАКЕДОНИЈА, А НЕ ДА СЕ ДОДВОРУВАМЕ НА КОМШИИТЕ

Во каква Македонија сакате да живеете?

-Сакам да живеам во слободна Македонија, со јазикот на Блаже Конески, во земја во која ќе се знае дека е Македонија и во земја во која што, кога ќе дојдам, ќе се чувствувам како поносен Македонец. Таа земја треба да остане Македонија, а не да се додворуваме на комшиите. Да бидеме свои на своето.

Претходна вестШто треба итно да преземе Градот Скопје
Следна вестЧесто повикуваат на обединување, ама не го менуваат сопственото однесување