Се помалку брачни партнери се подготвени да поднесат „жртва“ за да го зачуваат семејството

Со проф. д-р Светлана Трбојевиќ, раководител на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на УКИМ, зборуваме за опаѓањето на бројот на склучени бракови и високиот број на разводи во македонското општество.

Голем е бројот на разводи во Македонија. Во 2015г. имало 2.200 разводи, во 2018 – 1.620, 2020 – 1569…,  а во првите 9 месеци од годинава веќе имало 1531 развод. Што е причината за ова?

– Примарно, зголемениот број на разводи на бракови, во последната деценија, се должи на брзиот и динамичен живот, како и на смената на вредносниот систем. Во современото македонско општество дојде до еманципација на жените од сите етникуми. Зголемено е нивното учество во образованието, во вработувањето, а со тоа се зајакна нивната материјална моќ и независност. Но, причините за зголемените разводи се поврзани и со напуштањето на традиционалните вредности во одност на нераскинливоста на бракот. Постмодерното општество наметна светоглед во кој мнозина кон животот пристапуваат рационално, пресметливо и егоистично: „имам еден живот, ќе го живеам според сопствените замисли и потреби“. Се помалку брачни партнери се подготвени да поднесат „жртва“ за да го зачуваат брачното гнездо и семејството. Одлуките кои ги донесуваат, се поврзани со нивната среќа, а не со среќата и потребите на децата. Преовладуваат ставовите „подобро е децата да бидат со среќни, но разведени родители, наместо да живеат во несреќни семејства“. Тука акцентот е ставен на индивидуалната среќа, а не на колективната, семејната хармонија.

Што треба и што би можело институционално да се направи за да се сочува семејството како основна клетка на општеството?

– Одговорот е мошне комплексен, пред се од причини што современите институции, се повеќе, под влијание на западноевропските трендови, промовираат либерални погледи во однос на семејството. Институциите, во обид слепо да ги следат западните трендови се почесто промовираат трансформација на традиционалниот концепт на семејство, без притоа да ги имаат во вид долгорочните ефекти врз општествената одржливост која примарно зависи од стапката на наталитет. Во основа семејството е во сферата на приватното, па така, институционалните интервенции се можни само во домени каде институционалното се преклопува со приватното. Имено, религиските институции се најблиску до сферата на приватното, па овие институции се во позиција да застанат во одбрана и промоција на семејните вредности. Од друга страна, специјализираните јавни социјално услужни институции треба да стават поголем акцент на одржувањето на семејните заедници.

Постои и тенденција на се помалку склучување бракови…

– Постои општ впечаток дека младите се помалку или се подоцна стапуваат во брак. Една од причините е поврзана со она на што се осврнав при првото прашање, вредностите и егоцентризмот. Современиот млад човек денес живее промискуитетно, брачната заедница не е неопходна за задоволување на сексуалните потреби. Брачната заедница и семејството подразбираат одговорност, откажување од комодитетот, што во основа значи ограничување на „личната слобода“. Накратко, брачната заедница и семејството не се повеќе атрактивни за динамичниот млад човек, кој трага по успех, богатство и брзи краткорочни задоволства, без одговорност. Она што за повозрасните генерации е најголемо богатство, за новите генерации е непотребна одговорност и дополнителен стрес. Друга причина за намалената стапка може да биде идентификувана и во се поголемата социјална отуѓеност, пред се, на машката популација од руралните средини кои остануваат на раскрсницата помеѓу традицијата и неможноста да се реализираат во доменот на семејството заради неатрактивноста да се живее на село. Токму тука може да ја увидиме и улогата на локалните институции во обезбедување на бројни семејни услуги, како што е пристапност до предучилишни установи…

ПОТРЕБЕН Е ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ПРОБЛЕМОТ СО НАМАЛЕНИОТ НАТАЛИТЕТ

Се намалува и наталитетот во Македонија…

– Некои од причините за намалување на наталитетот во нашата држава директно се поврзани со високата стапка на иселување на младото репродуктивно активно население. Не можеме да очекуваме дека една мерка може едноставно да го спречи тој процес. За тоа е потребен општествен консензус со конкретни активности, но и индивидуална одговорност кон нештата кои се сметаат за јавни, вклучувајќи го јавното здравје, квалитетот на воздух, квалитетот на живот, социјалната правда, менувањето на односот кон оној кој ни е подреден итн. Како да остане во државата дете, чија мајка која работи како хигиеничарка во некоја јавна институција или приватна фирма е уценета и во слободно време, без надокнада, да ја чисти куќата на својот шеф/директор? Што мислите, која е претставата на ова дете за вработување во јавниот или приватниот сектор? Неговиот сон е да отиде некаде далеку каде очекува социјална правда, фер дневница и почитување на достоинството на работникот. Ете, во најмала рака, да почнеме со менување на нашиот однос кон луѓето. Ако кон сите се однесуваме со респект и не им го газиме достоинството, сигурна сум дека ќе направиме многу. Постојат и низа на мерки како што се: недискриминација на жени кои планираат семејство при вработување, обезбедување на бројни услуги со кои ќе се намали трошокот за одгледување и воспитување на детето… 

Претходна вест„Нема да бидеш сама“ на Столевски влезе во топ селекцијата на филмскиот фестивал „Санденс“
Следна вестЗа една вечер казнети 157 лица кои возеле под дејство на алкохол