Најкрупните грешки ги направи народот што дозволи некадарници да ни ја решаваат судбината

Граѓаните плаќаат даноци, властите си тераат по свое, сите агенди на сите власти досега се идентични – како даноците на граѓаните да ги искористат да добијат глас повеќе, потенцира професорот Гулабоски во интервју за „Македонско Ехо“

 За универзитетскиот професор, Рубин Гулабоски, кој е еден од шесте највлијателни македонски научници во светот, до сега во Македонија се направени повеќе грешки…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

Тешко е да се одговори во две реченици на ова прашање. Ако ја гледам позитивната страна, сме имале многу радосни моменти во Македонија, главно на спортски план. И успехот на кошаркарите пред 10 години, и на ракометарите и на фудбалерите лани и годинава… Но, ако ги гледам песимистички работите, тогаш сите тие транзициски политичари и неважни личности, а добиле шанса да ни ја креираат судбината на сите нас, сите тие ликови некако во подсвест ни излегуваат пред очи во секој момент. А би сакал да кажам дека мојата слика за Македонија се среќни луѓе, сплотеност на сите, но тешко ми иде тоа….

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

рупни грешки има многу, најкрупните грешки ги направи народот, што дозволи некадарни ликови и политичари да ни ја решаваат судбината, една шака неизживеани кариеристи, грешката е што ние – народот, не препознавме вистински вредности да не водат. Најголема грешка од моја гледна перспектива е што ние секогаш грешиме, дури и кога се надевавме дека бевме во право. Сменувањето на името, договорите со кои се изгубивме, а ништо не добивме сега гледаме дека се можеби најголемите грешки. Соживотот и меѓусебната почит на различностите во Македонија треба да се најголемата придобивка.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

Граѓаните плаќаат даноци, властите си тераат по свое, сите агенди на сите власти досега се идентични – како даноците на граѓаните да ги искористат да добијат глас повеќе. Државата е народот, а народот секогаш губи во оваа држава, без разлика кој е на власт. Додека не се воспостави систем на реални вредности, додека има поларизиран бипартизам во оваа држава веќе 30 години, секогаш ние ќе бидеме губитниците, а моментални победници-тие. Но, сепак се врти.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

Не, сум можел да дадам многу повеќе од тоа што сум го дал до сега, но со нашата политика во науката ние дадовме малку, а земавме ништо. Но, тоа што го дадовме е нешто со кое во иднина ќе се гордееме – им дадовме шанси за позиции, работи и усовршување во елитни болници истражувачки центри и универзитети на најдобрите студенти што ги познававме. Некој ќе каже – па вие сте ги иселиле младите од Македонија. Да, им овозможивме да ја запознаат и другата страна во Европа и Америка, затоа што за тие најдобри деца, овде за жал никогаш не постојат реални можности. И се гордееме со тоа.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

 Се гордеам со луѓето, со младите, со соживотот, со меѓусебното разбирање меѓу нас, со патриотизмот што го носиме сите ние во нас, без разлика каде сме, кои сме и со кого сме. Се гордеам што секогаш сме спремни да си помогнеме еден со друг, што ги почитуваме различностите кај нас.

Во каква Македонија сакате да живеете?

 Сакам да живеам во Македонија што ги почитува и сака својот народ, Македонија во која ќе се разговара за спорт, наука, уметност, успеси, култура…и сонот тука завршува за сите нас. Ние сме предодредени да дојдеме до целта по најтешкиот пат, така било, така и ќе биде и тука изгледа сите ние сме во немилост на грст политичари и олигарси што ги контролираат нашите судбини веќе 30 години.

ОВДЕ ТРЕБА „ЕСТОНСКО СЦЕНАРИО“ ЗА МРАЧНИТЕ ЛИКОВИ

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Ми недостасува да видам повеќе среќни луѓе во Македонија, повеќе надеж и перспектива. А би одзел во Македонија само едно – би го одзел правото на сите мрачни ликови – сите некадарни и корумпирани политичари, банкари, судии, извршители, до обвинители… да влијаат на нашите судбини преку нивните активности. Сите нив преку „естонско сценарио“ од веднаш би ги пратил во пензија без разлика на стажот и годините, да ја имам можноста таква одлука да донесам.

Претходна вестОткажани повеќе од 4.000 летови ширум светот
Следна вестСо БМВ ја искршил наплатната рампа, а потоа удрил и во полициско возило