Иако не е лето и сепак има по малку дожд и снег, езерата во Македонија кризираат, снемуваат вода. На кризата и лошата состојба во овој период се надоврза и Тиквешкото езеро кај Кавадарци. Нивото е опасно намалено и сега ќе се барало решение.
Пред некој ден во Кавадарци министерот за животна средина Насер Нуредини се заложи за предлог Владата да донесе одлука со која ќе се изврши зголемување од пет проценти на минималните коти на акумулациите во земјава, меѓу кои е и Тиквешкото езеро. А во меѓувреме ќе се соработувало со сите засегнати страни за да се најде долгорочно решение за подобра состојба со Тиквешкото езеро.
Што ова поточно значи и како и кога на терен ќе се работи не беше прецизирано. Но, излезе дека на постоечките проблеми со македонските езера причинети со намалувањето на водостојот се додаваат уште други во ситуација кога не се решени најтешките случаи.
Состојбата со Преспанското езеро, на пример, се уште е критична и таму водостојот е понизок за неколку метри од просечниот што го имаше во последните години. Алармот за лошата состојба на оваа езеро е вклучен веќе две-три години, но тревогата не ги растрша нешто посебно надлежните. Се договараат акциски планови, се одржуваат меѓудржавни средби со Грција и Албанија, но по сите тие соопштенија малку се слушна за тоа што конкретно е преземено.
Единствени оптимистички вести доаѓаат кога во земјава ќе заврнат пообилни дождови и кога нивото ќе се крене за десетина сантиметри. Но, се поретко врне… А од друга страна имаме поплави од ветувања дека ќе се спасат езерата.