Аеродромци конечно нема да голтаат прашина: Асфалтирана раскрсницата на „Васко Карангелевски“ кај базенот

Жителите на Аеродром и други граѓани конечно веќе нема да голтат прашина на што беа изложени поради незавршувањето на реконструкцијата на раскрсницата кај базенот на улицата „Васко Карангелевски“. Од вчера со прв слој на асфалт е прекриен макадам кој стоеше со месеци бидејќи беа запрени работите на продожувањето на оваа сообраќајница. Асфалтирана е делницата од околу стотина метри, а градежните екипи почнале и со градбата на продолжението на улицата кон булеварот „Трета македонска бригада“. Но, дали градбата ќе продолжи останува да се види.

Во изминативе месеци жителите на оваа скопска општина многупати реагираа поради незавршувањето на оваа делница. Таа беше оставена, а возилата мораа да поминуваат по камења и дупки при што се креваа големи облаци прашина. Градските власти, коишто се надлежни за реконструкција на оваа сообраќајница, не даваа доволно информации од кои причини се запрени работите. Скопската градоначалничка Данела Арсовска во едно интервју само спомна дека има проблеми со трасата на улицата.

Улицата почна да се прави во јуни 2021 година од претходниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов.

Претходна вестОблачно и ветровито со повремени врнежи од дожд
Следна вестВечерва пред Влада граѓански протест поради случајот со Клиниката за онкологија