Академик Коцарев објасни за накитените лаги и за укинувањето на двете македонски катедри на Филолошкиот факултет

Во македонската јавност деновиве се отвори полемика околу тоа дали се подготвува укинување на двете катедри – по македонски јазик и по македонска книжевност – на скопскиот Филолошки факултет „Блаже Конески“. Темата ја засили претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев кој неодамна со текстот со наслов „Катедрите за македонскиот јазик и македонска книжевност се нашиот дом и со изјавата дека се „брише се што е македонско, се укинувата катедрите по македонски јаизк и книжевност“. На ова, следеа бројни реакции и деманти како од Филолошкиот факултет, така и од Катедрата за македонски јазик. Во нив како целосни „невистини и измислици“ се оквалификува укажувањето на претседателот на МАНУ. Академикот тогаш изјави дека „се радува што на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност…“.

Одредени медиуми удрија силно по него дека ширел лажни вести и еве денеска претседателот на МАНУ во колумната за весникот „Нова Македонија“ открива дека, сепак, постои идеја да престанат да постојат двете катедри по македонски јазик. Во својата колумна тој напиша:

– На основа на што беа изнесени овие тврдења? Еве ги фактите. Во 2020 година, професорка од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици предлага програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и со таа програма таа е избрана за декан на факултетот во периодот од 15 септември 2020 година до 14 септември 2023 година. Таа програма е архивирана, поделена до сите професори на факултетот, и преставува документ врз основа на кој професорката е избрана за декан. Во програмата се предлагаат „реформи“ на факултетот, при што структурата на факултетот од 11 катедри (од кои две се катедрите за македонски јазик и македонска книжевност) се заменува со структура од 5 отсеци (од кои ниеден не е отсек за македонски јазик и книжевност). Да повторам, за да нема забуна, станува збор за документ со наслов Програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во мандатниот период 15.09.2020 – 14.09.2023. Во програмата се предлага структурата на факултетот на првото, највисоко, ниво (дали тоа ниво ќе биде имплементирано со катедри или отсеци, не прави никаква разлика), да не го содржи зборот македонски (ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност). Уште повеќе, во програмата не пишува што ќе се случи со постојните катедри. Меѓутоа, дали тие ќе постојат (на второ или петто ниво, на пример,) или воопшто нема да постојат, по мене е ирелевантно прашање. Одговорот на прашањето не го менува фактот дека на првото, најважно ниво, зборот македонски се брише и ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност, наведува академик Коцарев.

Во колумната, Коцерев потенцира и тоа дека граѓаните, па така и професорите на кој било универзитет во светот, имаат право да го определат сопствениот национален идентитет.

-Според Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации, „Секој има право на националност“ и „Никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“. Меѓутоа, професорите што извршуваат раководни функции (на пример, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, раководител на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици), без разлика на нивната национална припадност, имаат општествено одговорна задача да се грижат за македонскиот јазик и македонската книжевност, а јас ги охрабрувам во идните реорганизации на факултетот, рамо да рамо со различните отсеци/катедри, секогаш да бидат вклучени и македонските отсеци/катедри, додава претседателот на МАНУ.

На крајот од колумната тој потенцира:

-Овој текст ќе го завршам со зборовите на Толстој: „Најдобар знак на вистината се едноставноста и јасноста, лагата е секогаш замрсена, накитена и речита.“ Накитен, замрсен и речит беше целиот период од референдумот до денес, па голем дел луѓе поверуваа во лагите дека тоа е патот до подобра иднина. Од независноста на Македонија до денес, многу често, за жал, голем дел проблематични прашања, политичките аналфабети, од сите партии, ги „решаваа“ на штета на Македонија, особено на македонскиот народ, со што се отвори пат за нејзино исчезнување како држава и претворање во територија за делба. Ќе направам сѐ да не се случи тоа. Мислам дека има решение, дека може да се спречи бродот Македонија да не потоне, но за тоа, наскоро, во некој мој друг текст, порача првиот академик Љупчо Коцарев.

Претходна вестЗаев: И да има над 1.000 нови случаи дневно, пописот нема да се одложи
Следна вестСрбија ги затвори кафеаните и трговските центри за викенд, може ли да очекуваме туристи?