Направени се „компромиси“ кои тие што ги побарале од нас никогаш не би ги направиле за себе, па ни во случај на капитулација, вели Маџунков
За академикот Митко Маџунков разнебитувањето на македонскиот народ се случува во етапи во кои доминираат навидум невините зборови: договор, спогодба, платформа...
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?
-Сликите на Македонија која никогаш нема да исчезне. Тоа се слики од детството и раната младост, кога постоењето се сметаше за нешто што нема потреба да се именува за да биде. Прашањето за „битието“ и за личната слобода тогаш се решаваше според некој вроден автоматизам. Ниту во една комбинација, не сум можел да си замислам дека она што ми е дадено со раѓањето може еден ден да се оспори и да се наметне како политичко прашање за кое ќе решава некоја подземна (светска или домашна) сила. Независно од тогашниот идеолошки контекст, несовпаден со историјата на моето семејство, Македонија ја доживував како слободна, во иста мера во која сега ја доживувам како окупирана.
Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?
–Сите грешки направени од страна на државата соодветствуваат со оние ментални особини на народот што тие грешки ги овозможуваат: покорност, послушност, неукост, некомпетентност, грабежливост, прилагодливост, простотилак, итн., зашто откажувањето од самиот себе не може да се протолкува инаку туку како откажување од својата слобода и од својот ум. Впрочем, јаничарите не се турски, туку словенски изум кој промената на „верата“ (или на идентитетот, како што велиме сега) директно ја поврзува со личните интереси и со амбицијата да се биде успешен и признаен од светот. Индивидуалната вина наречена амбиција за материјален просперитет никој никогаш не си ја префрлил, но и таа може да биде причина за забрзаната пропаст. Неспособноста да се сочува својот јазик не се однесува само на неосознаените или само на дијаспората, тоа се однесува на сите нас, и моите деца одвај ако можат да ги разберат моите книги напишани на македонски јазик. На политичко рамниште, направени се „компромиси“ кои тие што ги побарале од нас никогаш не би ги направиле за себе, па ни во случај на капитулација. Сѐ почна со откажувањето од целината на својот народ (односно признавањето на непостојноста на Егејска и Пиринска Македонија) по што следуваше промената на Уставот со што е поништен и самиот народ, за да продолжи неговото разнебитување во етапи кои ни се добро познати (во кои доминираат навидум невините зборови: договор, спогодба, платформа).
Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?
–Никој, ни Господ за сите луѓе, ни народот за својата држава, ни родителот за своите деца, а камоли некоја личност, не може да направи доволно.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
–Се гордеам со времето кога нѐ немало, а сите сме биле тука. Со македонските градови од 19 век. Со чаршијата која се шаренее од луѓе, дуќани и занаети, Со куќите преполни со везеници и плетеници. Со газиовите ламби и кандилата под кои се раскажани најубавите приказни и испеани најубавите песни. Кога би можеле денес да го пресликаме животот на тие градови, би го имале најубавото место за живот и соживот кој кога и да е бил устроен на една голема територија, како целина земена веројатно најубавата територија на светот, а тогаш со неа владееле нашите дин-душмани што ни биле поголеми браќа од браќата. Во коментарите за својот роман Името на розата Умберто Еко пишува дека „средниот век е нашето детство“, зашто „сите проблеми на современата Европа се формираат во средниот век“. Меѓутоа, кога ќе се прочита описот кои се „сите (тие) проблеми“, гледаме дека таму нас нѐ нема, дека, иако физички ѝ припаѓаме на Европа, ние не сме Европејци, туку сме нешто друго, Еврозејци. Така што, приказната за нашето детство не е уште ни напишана, а камоли прочитана.
Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?
–Би го одзел естетскиот хаос, би го собрал на едно место сето ѓубре, би го запалил и би чекал да догори. Тогаш би почнал да размислувам за скромен живот со чиста вода, со чист воздух, со чисто небо.
Во каква Македонија сакате да живеете?
-Прашањето треба да се преформулира во духот на мојата литература, а и на мојата возраст: во каква Македонија сакате да ве живеат? Одговорот во тој случај би гласел: во Македонија во која макар под земјата ме држат в раце.
АКО СИ МАЛ НЕ СИ НИШТОЖЕН
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно ѝ даваат на државата?
–Не знам на која власт мислите, ние немаме монолитна власт за која државата е макар законска (ако не и света) обврска. Но и за граѓаните не е доволно да си ги плаќаат даноците. Кој се согласува да го прифати сопственото непостоење, на какво постоење може да се надева? Фактот дека си мал не значи дека си ништожен. Кој е страшлив, нека каже јунак сум, речено е, а кој е слаб, нека си најде вистински сојузници.