Има голем интерес кај граѓаните за користење на мерката за финансиска поддршка за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања. Бројот на пристигнати барања во архивата на Министерството за економија, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 6.500, а согласно предвидените буџетски средства за оваа намена која изнесува 60.000 денари, со финансиска поддршка можат да се стекнат околу 7.000 домаќинства, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој рече дека очекува денеска и утре до архивата на Министерството за економија да пристигнат уште околу 200 барања од барателите, кои заклучно со вчерашниот ден, преку пошта ги испратиле своите апликации. Бектеши заклучи дека мерката, најавена со кризната состојба со електричната енергија, е успешна реализирана.
Финансиска поддршка ќе добијат лица со најниски примања во домаќинство во 2021 година, во соодветната категорија, која беше во склоп на Јавниот повик.
Иако решенијата ќе се донесат на почетокот на март, ќе бидат покриени фактурите за електрична енергија и за јануари и февруари во износ од 600 и 800 денари.
За можноста да се одложи плаќањето на сметките за струја, министерот рече дека тие договори се билатерални кои ги прават потрошувачите со ЕВН или пак со други трговци со електрична енергија.