Откако претставници на државни институции се испофалија дека младиот Леонид Индов е транспортиран со специјализираниот хеликоптер на лекување во Виена, Фондот за здравство го одбил неговото барање за лекување во странство.
Оваа информација денеска ја соопшти заменик народниот правобранител, Јован Андоновски, велејќи дека државата си игра со човечки живот.
–Откако претставници на државни институции се испофалија дека младиот Леонид е транспортиран со специјализираниот хеликоптер на лекување во Виена, следува шок за него и семејството. Леонид веќе е неколку недели на лекување во Виена. Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето! При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија. Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката, напиша Андоновски во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук.
Инаку, транспортот на Леонид до Виена беше прв од таков вид во државата. Опремата на медихоптерот е донација од Европската Унија, а лекарски тим од „8-ми Септември“ го придружуваше 19-годишниот Леонид се до клиниката во Австрија.
За Леонид со месеци се собираа средства бидејќи операциите и третманот за ваков вид повреда беа многу скапи. Тој беше опериран во болница во Солун каде беше пренесен веднаш по несреќата. Од повредата не можеше да ги движи рацете и нозете. Леонид Индов е ученик во Математичко информатичката гимназија, каде ги развивал своите таленти и вештини во областа на информатиката и истражувањата. Лео има повеќе интернационални успеси, а добил и прво место на меѓународен натпревар НАСА за развој на апликации.