На затворска казна од 19 години затвор е осудена Ангела Ѓоргиевска која беше второобвинета во случајот на убиството на 26-годишниот Пинета Секондо – Пино. Судот ја изрекол ваквата казна заради тоа што таа активно му помагала во убиството на Секондо, на како што укажуваат доказите егзекуторот Али Фуркан, кој се уште не е достапен на правдата.
Судењето започна лани во ноември по една година од свирепото убиство. Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018г., но тоа беше непознато бидејќи неговото тело беше сокриено по убиството. Телото подоцна беше откриено од случаен минувач во атарот на скопското село Љуботен откако претходно имало одрон. Неговата мајка претходно, пола година бараше одговор од надлежните органи да се дознае каде исчезнал нејзиниот син.
Првообвинетиот со пушка го застрелал во главата Пино во присуство на Ангела која помогнала безживотното тело да го внесат во кола, а подоцна и да го закопаат во атарот на Љуботен.
Ѓоргиевска, според судот, во текот на процесот никогаш не покажала каење.