Апасиев и Крмов го посетија вечниот дом на Јосип Броз Тито

По повод Денот на Републиката, пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов го посетија вечното почивалиште на најголемиот државник на овие простори – Јосип Броз Тито, под чие водство против фашистичките сили и домашните предавници, македонските партизани победија во војната и Револуцијата. Македонците и антифашистичката идеја победија, соопшти Левица.

Оваа опозициска партија потсетува дека во текот на Втората светска војна Македонците и антифашистичката идеја победија.

– Победија заедно со сите братски југословенски народи, за на 29-ти ноември 1943 година на Второто заседание на АВНОЈ, партизаните ја прогласат прогресивната југословенска работничка држава, во која македонскиот народ за прв пат, национално ослободен и класно рамноправен со останатите југословенски братски народи, ќе го забележи своето историско место и цивилизациско право за градење на сопствена држава, без отчет кон туѓи интереси, се наведува во соопштението

Левица укажува дека Македонија е втурната во виорот на мрачните сили.

-Татковината на нашите предци и на нашето потомство – Македонија, во која македонскиот народ ја создава својата судбина, повторно е втурната во виорот на мрачните сили, кои водат кон расчеречување и враќање во одамна надминатото време и пред извојуваната слобода. Под раководство на СДС, деновиве се одвива најцрната кампања против Левица. Истото СДС, чие раководство со потпишувањето на Преспанскиот договор и капитулацијата пред неофашистичките барања на Бугарија го исплука гробот на Јосип Броз Тито и ги згази идеалите на македонските партизани, на НОБ и АСНОМ, потенцираат од Левица додавајќи дека народната идеја за слобода е онаа која неизбежно секогаш победува.

Претходна вестТунџев: Цените на услугите на Катастарот се реални, во просек поскапеа за 25 до 30 проценти
Следна вестМицкоски: Ковачевски се претставува како стендап комедијант и ме навредува