Апасиев ја поднесе Иницијативата за референдум до ДИК: Ако Џафери не спречи, ќе го блокираме Собранието

Иницијатива за одржување на граѓански референдум до Државната изборна комисија поднесе лидерот на партијата Левица Димитар Апасиев. Референдумското прашање по кое ќе треба да се изјаснуваат граѓаните гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022“.

-Сметаме дека народот мора да го има последниот збор за прашање од национален интерес. Очекуваме да немаме проблеми, бидејќи иницијативата е правно коретна напишана. До крајот на неделата очекуваме да бидат собрани потребните потписи во 30 општини, рече претседателот на партијата Димитар Апасиев.

Тој рече дека очекува за 90 дена, односно до крајот на календарската година да бидат собрани потребните 150.000 потписи на граѓаните. Следната недела очекува иницијативата да биде пуштена во собраниска процедура без да биде отфрлена од претседателот на Собранието, Талат џафери.

-Не очекуваме да биде отфрлена. Тој нема такви ингеренции, но доколку тоа се случи, целосно ќе го блокираме Собранието. Тој не е надлежен материјално да се впушта во оценка. Затоа не очекуваме посериозни проблеми, изјави Апасиев.

„Левица“ досега нема разговарано со другите партии, но тој очекува поддршка од целиот антивладин блок.

-Од ЕУ ќе се очекува нова преговарачка рамка, без ванчомихајловистичките хегемонистички барања, нагласи Апасиев.

Иницијативата на Левица за референдум ќе ја поддржи и ВМРО-ДПМНЕ, порача претходно и лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски.

Најмалку сто потписи на граѓаните се потребни за да може Иницијативата да се достави и во Парламентот.

Претходно, иницијативата за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија што ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието на 9 септември беше отфрлена од страна на Џафери со образложение дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Претходна вестКоја е тактиката на македонското МНР во неширењето етничка нетрпеливост?
Следна вест71-годишен битолчанец осомничен за полов напад врз осумгодишно дете