Левица продолжува со своите изборни активности низ Македонија. Апел до граѓаните да заокружат 5 и да дадат што поголем број пратеници на Левица со цел да дадат поголема шанса на млади, неподмитливи луѓе во Собранието – ова е една од пораките на претседателот Димитар Апасиев, вчера од Штип.
-Целта на Левица на овие избори е да го кутне СДС под 20 и конечно, да ја пасокизираме СДС. Тоа се прогнозите, тоа се реалните очекувања и оваа теренска кампања тоа го покажува, истакна Апасиев.
Она што се случи на Претседателските избори, за Левица е очекуван резултат, со оглед на тоа дека со претседателски кандидат се учествува првпат.
-На Парламентарните очекуваме солиден резултат со којшто ќе овозможиме моќта на уценување од албанските необалистички партии да премине, конечно, во македонскиот блок и ние да бидеме оние коишто ќе го држат курсот на македонизмот наспроти сите антимакедонски сили коишто сакаат да внесуваат Бугари во Устав, коишто сакаат да воведуваат дводомни парламенти, да менуваат Устав со кој ќе се бришат 20% и ќе влегува друг официјален јазик… Против сето тоа единствен бранител ќе биде Левица, истакна Апасиев.
Левица пред штипјани ја претстави и својата програма, која како што велат е единствена различна од сите други програми.
-Само ние имаме програма со централно планирање, затоа што ние имаме Централна планска агенција, којашто треба да ја развие државата рамномерно, тоа што никој друг го нема. Со силни државни капацитети планираме сите дистрибутивни мрежи да ги национализираме. Јас зборувам за електродистрибутивната мрежа, за нафтената мрежа, зборувам за интернетот итн. Целта е и обичниот човек да види бенефит, рече носителот на ИЕ3, Борислав Крмов од Штип.
Беше кажано дека се за поништување на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија кои како што велат задораат во суштоната на македонскиот идентитет. Воедно ќе инсистираат бројот на пратеници од 120 да се намали на 100.