Арсовска го разреши в.д директорот на „Комунална хигиена“

Директорот Зуди Енузи е разрешен од позицијата вршител на должност на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, соопшти вечерва Кабинетот на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Во соопштението се наведува дека Градот Скопје, како град на соживот и солидарност, не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани.

-Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите. И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност, се наведува во соопштението.

Разрешувањето се доведува во врска со фактот што лицето Цуфи Кока коешто вечерва е приведено од страна на полицијата поради пукањето кон колона на протестанти кај ТЦ „Мавровка“, е брат на директорот Зуди Енузи. Тој, истовремено, е и активист на опозициската партија Алијанса на Албанците. Засега не се знае ништо за неговите мотиви.

Претходна вестМицкоски: Долго време добивам информации за моја елиминација од власта
Следна вестДенеска е Иванден, денот кога сонцето најмногу свети а водата и растенијата лекуваат