Арсовска: Градот Скопје е задолжен 160 милиони евра, но ќе има бесплaтен превоз

Иако Градот Скопје е презадолжен за две години граѓаните ќе имаат бесплатен јавен превоз, а ќе се набават и електрични автобуси, изјави синоќа скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа на телевизија Телма рече дека сите проекти кои што се корисни за граѓаните ќе бидат спроведени.

-Средства во буџетот моментно нема, Градот е задолжен скоро 160 милиони евра, но тоа не значи дека нема да набавиме електрични автобуси. Ќе има 250 еко-автобуси. Тоа е амбициозна програма, но е и мој фокус и ќе не стави на мапата на чисти, еколошки градови. Има донатори и квалитетни фондови за оние што сакаат да се придвижат кон зелената транзиција, истакна градоначалничката.

Во однос на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за набавка на нови автобуси таа рече дека „секој еден што се обиде да донесе инвестиција во градот Скопје е добредојден“.

-И доколку лидерот на ВМРО ДПМНЕ прокажува проактивност во таа насока мени ми драго. Само на власта тендери и провизии им се вртат низ главата. Тоа не е реалноста. Реалноста е дека во овие 120 дена, никој од економските ресори од владата не пројави проактивност да донесе некаква инвестиција во градот. Ниту се јавил, ниту ме повикал, рече Арсовска.

Арсовска укажа и на тоа дека градските јавни претпријатија имаат големи долгови.

-Јавните претпријатија се презадолжени. На пример ЈСП „Скопје“ е во загуба од три милиони евра. Сега треба да се консолидира. Се трошело безумно, се трошело како да ќе нема утре, додаде Арсовска.

Претходна вестЗошто споро се реконструира улицата „Васко Карангелевски“ во Аеродром?
Следна вестПутин прифатил доброволци да се борат во воените зони во Украина