Арсовска: Градот Скопје ќе функционира но со личности со повеќе интегритет

Градот Скопје ќе функционира како и досега, меѓутоа јас верувам дека со личности коишто ќе имаат нешто повеќе интегритет, изјави денеска скопската градоначалничка Данела Арсовска. На денешниот почеток на реконструкцијата на дел од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ таа одговори на новинарското прашање околу оставките на директорите на градските претпријатија по нејзиниот судир со ВМРО-ДПМНЕ.

-Верувам дека новите личности ќе имаат повеќе интегритет од овие кои што видовме дека единственото нешто што ги интересира се политички мотивирани заднини. Сметам дека и тие самите доволно кажаа за она што се случувало во изминатиот период. Малку контрадикторни, од една страна имале целосна слобода да реализираат бројни проекти коишто ги набројуваат, а од друга страна укажуваат на некаков недостиг на комуникација, истакна Арсовска.

На граѓаните им е јасно, додаде таа, дека тие беа таму да си ја работат својата работа одговорно и чесно.

– Но, доколку нивните партиски лидери се тие коишто ќе им диктираат како да постапуваат во животот, јас морам да кажам дека е голема штета за граѓаните коишто очекувале нешто повеќе од нив, рече Арсовска.

Во однос на прашањето дали ќе има нови в.д. директори на испразнетите места, Арсовска рече дека има законски рокови во коишто се она што треба да се направи ќе биде завршено.

– Сите тие луѓе треба да бидат луѓе коишто и понатаму ќе продолжат одговорно и чесно, со интегритет да си ја извршуваат својата функција, да не слушаат луѓе коишто сакаат преку нив да си ги исполнуваат своите политички амбиции и верувам дека ќе го постигнеме тоа во следниот период и резултатите ќе бидат евидентни, одговори градоначалничката Арсовска.

Претходна вестЗа пет месеци ќе заврши реконструкцијата на дел од бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“
Следна вестЗадржал лична карта на пријател па од сметка му украл 50.000 денари