Отпочната е постапка за раскинување на штетниот договор за поставување на билбордите и светлечките реклами низ Скопје, изјави денеска градоначалничката Данела Арсовска. Таа, на седницата на Советот на Град Скопје, денеска одговори на дел од поставените советнички прашања. Според неа, постапката за раскинување на договорот ќе се води не само пред Град Скопје туку и пред судските инстанци и Комисијата за заштита на конкурентноста бидејќи се утврдени прекршувања.
– Што се однесува до Град Скопје соодветно ќе бидат покренати и постапки и тужби, најавено е раскинување со кое што сакаме да ја превенираме и штетноста која е предизвикана и се предизвикува од овој договор и соодветно низ институциите планираме да ја решиме, меѓутоа планираме и да го обештетиме градот, односно оние средства за кои Градот и Буџетот се оштетени од овој договор, да се вратат, рече Арсовска.
Во изминатите три месеци имало екипи на терен и ги детектирале билбордите, а што се однесува до делот за преносот тоа моментално се утврдува и доколку има простор ќе има соодветна постапка.
– Ќе направиме сè она што го оштетувало буџетот да се вратат тие средства бидејќи тие се средства на граѓаните и не се средства кои треба да одат во приватни џебови, кажа Арсовска..
Советникот Никола Пановски од ЛДП ја праша Арсовска што се случува со проектот за Бас рапид транзит (БРТ) и пречистителната станица, проекти за кои се добиени европски пари.
-Од оваа говорница велевте дека сте фатиле рачиња во мед, сте фатиле одредени лица со спуштени панталони, но еве пола година потоа ништо не видовме дека се открило, ниту дека е поднесена некаква кривична пријава. Не знаеме до каде е проектот за пречистителна станица ниту дали ќе се реализира БРТ. Знаеме само дека плаќаме пенали дека не ги користиме тие европски пари, рече Пановски.