Арсовска му порача на Таравари кадровските решенија да си ги поставува во Гостивар

Синоќешното итно разрешување на Зуди Енузи од функцијата в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ предизвика конфронтација меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари. Арсовска го смени Енузи откако неговиот брат извади пиштол и пукаше во вис во синоќешниот инцидент кај ТЦ „Мавровка“ кога група напаѓачи фрлаа шишиња и камења врз колона граѓани кои протестираа против францускиот предлог. Енузи, инаку, на таа функција дојде како функционер на Алијанса за Албанците која активно ја помагаше изборната кампања на Арсовска а ова партија е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на ниво на Град Скопје.

Денеска,Таравари, кој истовремено е и генерален секретар на партијата Алијанса за Албанците, порача дека по разрешувањето на Зуди Енузи партиските органи денеска ќе заседаваат и ќе ја разгледаат состојбата во насока на прекин на соработката со градоначалничката на Скопје Арсовска.

-Таа ја донесе одлуката без да се консултира нашата партијата. Таа требаше да ја консултира Алијанса за Албанците за намерата да го разреши од функцијата Зуди Енузи Кока, затоа што неговиот брат синоќа имал во раката пиштол. Партијата ќе расправа, но, според мене, тука завршува соработката со Арсовска, најави Таравари.

На ова денеска одговори и Арсовска. Таа во својата изјава му порача на таравари дека не може да решава за кадровските решенија во Скопје туку само во Гостивар.

-Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје. Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува. Скопје е град на соживот, солидарност, во кој нашите сограѓани треба мирно и безбедно да живеат и да се почитуваат, потенцира Данела Арсовска.

Претходна вестСе повеќе заразени од Ковид – 19, вчера инфицирани 335 лица, двајца починати
Следна вестГоривата поевтинуваат од 2,5 до 3 денари