Арсовска тврди дека за украсувањето имало јавен повик

Украсувањето на Скопје е финасирано во согласност со законските обврски, соопшти денеска скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа испрати соопштение во коешто реагира на денешните информации дека Финасиска полиција треба да провери како и каде завршиле 30.000 евра за украсувањето на метрополата.

Арсовска соопшти дека се е исправно бидејќи имало јавен повик.

-Украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици. Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест” е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации. Разликата сепак, помеѓу овогодинешното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега. Фирма блиска до Шилегов која од бројни тендери испумпувала пари од градската каса. За ова, веќе се подготвени соодветни пријави. Жалиме што и покрај апелите за точно, балансирано и вистинито известување, дел од медиумите се уште одработуваат политички агенди на заборавени „политичари”, соопшти Арсовска.

Во јавноста се поставуваат прашањата на која фирма ѝ се платени 30.000 евра, пари на граѓаните, како е избрана фирмата без да се објави јавен оглас и од кои средства од буџетот се одлеани парите?

Од Јавното обвинителство за медиумите денеска изјавија дека за ова прашање е надлежна Финансиската полиција.

-Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки, изјавија од Јавното Обвинителство.

Претходна вестПукање во Прага, има загинати
Следна вестМалолетник ja нападнал својата сестра и со нож тргнал кон својот татко