Асоцијација на земјоделците: Се очекува поголемо производство на пченица, за 30.000 тони повеќе од лани

За преку 1.000 хектари се поголеми површините со пченица и се очекува зголемено производство на лебното зрно од околу 30.000 тони, проценуваат од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија. Од оваа асоцијација наведуваат дека  тоа ќе придонесе да се намали влијанието од увозот.

Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија оценува дека на ланското произиводство од околу 250.000 тони се очекува зголемен род. Голема улога има интервентниот фонд на Министерството за земјоделство.

-Во 2021 и 2022 година, според моите сознанија, во земјава имаше посеано 75.000 хектари со пченица. Оваа година имаме зголемување на површините под пченица со 1.000 хектари повеќе. И очекуваме зголемено производство за 30.000 тони. Секако, освен земјоделските политики, ќе влијаат и временските услови. Интервентниот фонд на Министерството за земјоделство ги зголеми интересот и сигурноста на земјоделците за производството на лебното зрно, вели Стојкоски.

Тој нагласува дека сѐ уште мора да увезуваме, но се стремиме кон сопствено производство. Неопходна е перманентната државна поддршка за рентабилност.

-Имаме капацитети за производство и можеме повеќе да произведуваме, ама без загуби. Тука е улогата на државата да нѐ поддржува. Ако имаме производство од околу 250.000 тони и годинава се произведат уште 30.000 тони, според бројот на хектари засеани со пченица, ќе ни бидат потребни да покриеме уште 20 насто од потребите. Но, во секој случај, состојбите со производство на пченица и на леб се уредуваат во договор со државата, вели Стојкоски.

Претходна вестКрадел по Битола додека бегал од доиздржување на затворската казна
Следна вестПолициска контрола во Тетово – приведени неколку лица