Бадникови поворки тргнуваат по градовите, ќе се наздравува пред Соборниот храм во Скопје…

Под слоганот „Почуствувај радост“ и оваа година традиционално ќе се одржат Бадниковите поворки. Празнувањето ќе има денеска на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје, но и во останатите градови и населени места во државата.

Како што објавија од Здружението „Бадникови поворки“ на нивната фејсбук страница, најпрвин во 11 часот на Градскиот плоштад во Скопје ќе биде доделена Златна ѕвезда за секое дете кое ќе учествува, а потоа ќе се одржи златен концерт со Златните славејчиња и македонските поп-ѕвезди – Вера Милошевска, Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Пере (Нокаут).

По краткиот концерт, како што информираат, ќе ја оформат најголемата бадникова поворка и преку Камениот мост ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски” каде што традиционално сите коледарчиња ќе бидат пречекани и дарувани од Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Истовремено, бадниковите поворки ќе се одржат и во останатите градови и населени места во државата.

Одбележувањето на Бадник ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“. Кум на годинашното одбележување е Божидар Јанковски, сопственик на „Дајнерс“, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2024, а Здравичар е актерот Атанас Тановски, кој на платото пред Соборниот храм денеска ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

МВР соопшти дека околу Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска од 10.30 часот ќе бидат затворени поради  настан со кој ќе се одбележи празникот Бадник. Посебниот сообраќаен режим во тој дел од градот ќе важи до завршување на настанот пред храмот.

СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Фото: Архива

Претходна вестДенес е Бадник, предвесникот на Христовото раѓање
Следна вестИсмет Гури избегал од домашен притвор