Денес е Бадник, предвесникот на Христовото раѓање

Со пеење на традиционални песни деца коледари уште од раните утрински часови ги обиколуваа домовите на православните христијански верници најавувајќи го на тој начин Бадник, денот кој му претходни на утрешниот празник Божик. Коледарите ја носеа најавата дека утре се слави раѓањето на Исус Христос, а за тоа домаќините ги наградуваа со разни дарови – јаболки, ореви, костени, мандарини, пари… Ова е само почеток на денешното празнување на Бадникот, денот кој означува крај на божикните пости а во домовите на верниците се прави последна посна трпеза пред Божик. На овој ден секое семејство, секоја куќа е црква во која се пали свеќа, темјан и кандило. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.

На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Пред да започнат домашните да вечераат, домаќинот го отворал прозорецот и го поканувал Дедо Боже на вечера со зборовите:”Повели Дедо Боже да вечераме”. Потоа, кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

На сето ова му претходи и сечење и донесување на Бадник во домовите на верниците. Бадник е младо дабово дрво, бука или ела по кој одат домаќините на семејствата. Сечење на Бадникот е обвиткано со многу строги обредни правила: по Бадникот се одело рано наутро, најчесто одел домаќинот. Бидејќи одење по бадниково дрво претставувало еден од најважните чинови, домаќинот бил облечен во нова облека. Сечачот на Бадникот пред сечењето не зборува, кон Баднокот пристапува со поздрав и обраќање со кое го побратими или велича бадникот. Бадниково дрво се сечело секогаш од источната страна. При сечење се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни моќи. Секирата со која се сечел Бадникот се поземала во ракавици, а Бадникот најчесто се сече со три замави, никогаш не се пресекува, туку се прекршува за пенушката да добие форма на брада божја брада или дедо. На пенушката се оставаат подароци (лепче, вино, везени чорапи и др.). Пред донесување на Бадник во домот, домаќинката врши подготовка: ја чисти куќата (во древните времиња се сокривале троножни столчиња, вретена, кудели, вили и др.), подготвува посна храна, го меси обредниот леб. Бадникот не се внесува во куќата сè до првиот самрак, најчесто се оставал прислонет на ѕид.

Внесување на бадникот е проследено со обредно внесување на сламата и сито кое е наполнето со сите видови на ѓита, како и со суви овошја со кои се посипувал бадникот, а потоа се ситото се ставало на трпезата или до огништето. При внесувањето на Бадникот домаќинот ги поздравува домашните, а тие го поздравуваат Бадникот со благослови. По вечерата Бадникот се ставал во огниште да гори, најчесто домашните го чувале цела ноќ и го потстрекнувале да искри.

Самиот збор Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик заради очекувањето на денот на Христовото раѓање. Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“.

Претходна вестЧетворицата осомничени за упадот во М-НАВ добија мерки на претпазливост
Следна вестБадникови поворки тргнуваат по градовите, ќе се наздравува пред Соборниот храм во Скопје…