Барем документацијата за кинеските вакцини во ред ли е?

Вакцината против Ковид-19 никако да пристигне. И покрај тоа граѓаните на Македонија се ставаат на списокот за вакцинирање. До сега над 37. 000 лица се пријавиле преку онлајн апликацијата за вакцинирање против Ковид-19.

Кога ќе стигнат вакцините? Веќе е средина од февруари, а беше ветено дека овој месец сигурно ќе почне вакцинирањето. Да, беше ветувано и дека порано ќе стигнат вакцините, но ајде да не бидеме џангризави – пандемија е, властите се презафатени….

Премиерот Заев последно што објасни беше дека 8.000 дози кои ни ги отстапи Србија ќе дојдат наскоро односно кажа дека е прашање на денови.

-Се работи за подготовка на техничката документација од „Фајзер” кон Србија за реекспорт, или за реплаќање или донација од Србија. Целта е прво да стигнат 4.000 вакцини, а потоа и другите 4.000, рече Заев.

Колку денови ќе поминат во чекање ќе видиме. Многу до сега поминаа од најавата дека – само што не се стигнати.

Но, не се само тие денови за чекање. Премиерот ни најави дека треба да чекаме и Кинезите да ја прослават нивната нова година па тоа да ги очекуваме 200.000 дози од кинеските вакцини.

Да се надеваме дека барем документацијата за кинеските вакцини е во ред, подготвена и нема да има дополнителни проблеми, недоречености, одлагања…

Во меѓувреме, граѓаните ја имаат веб-страницата која е пуштена во функција пред три дена, а на неа може да се пријават за вакцинација. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин”.

Малку ли е тоа? А замислете и да немаше веб-страница и се уште да не можеше 37.000 луѓе запишани да чекаат вакцина. Треба да сме задоволни, па здравствените власти уверуваат дека Македонија со месеци наназад се подготвувала за вакцинацијата. Министерката Шекеринска дури и не сакала да побрзаат со носење на вакцината за да не помислиме дека се експериментира со нас.

Да бидеме трпеливи, вакцините сигурно ќе дојдат.

Претходна вест„Дедо и внук“ до вторник во Кинотека на Македонија
Следна вестСтудено и ветровито, попладне и снег