„Беше како да пропаѓа светот, а тврдеа дека сме безбедни“, исповед на туристи за пожарите во Грција

Борбата против шумските пожари во Грција продолжува деветти ден по ред. Пожарникарите се борат да го изгаснат пламенот на четири главни фронта, а светот гледа страшни сцени од масовната евакуација на туристите на Родос, островот кој е најтешко погоден од огнениот пекол.

Властите деноноќно работат на контролирање на многуте пожари во Грција. Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека земјата е во војна со оган и дека напорите се концентрирани на гаснење на пожарите што беснеат на островите Евија и Крф, веднаш до Родос.

– Оваа битка е тешка и така ќе биде сѐ додека условите се тешки, изјави премиерот пред грчкиот парламент и предупреди дека на земјата ѝ претстојат три најтешки дена бидејќи се очекува дополнително зголемување на температурите, а ветровите беснеат над исушената земја.

Властите исто така ја засилија евакуацијата наредувајќи им на луѓето да ги напуштат хотелите и домовите.

Се проценува дека во текот на ноќта во понеделникот 2.466 граѓани ги напуштиле своите домови во 17 села по должината на северниот брег на Крф, а во Евија стотици биле принудени да се евакуираат.

Туристите зборуваа за паничните моменти за време на викендот, кога ја поминаа ноќта во армиски камиони на плажите, пред да бидат качени на бродовите на грчката морнарица.

Дин Мејсон (56) од Велика Британија ги опиша пожарите на Родос како да се наоѓал „блиску до смртта“.

Мејсон пред една недела пристигна во хотелот на плажата Киотари со сопругата, ќерката и четиригодишната внука.

– Тоа беше првиот одмор на внука ми во странство. До вторник наутро можевме да видиме големи облаци чад, што се издигнуваат од центарот на островот. Нѐ натераа да веруваме дека сѐ е под контрола. Никој не изгледаше особено загрижен, а потоа ситуацијата одеднаш се влоши, раскажува тој.

Веќе во саботата наутро можеа да се забележат многу големи облаци чад како се приближуваат до нашето сместување.

– Луѓето почнаа да се гледаат едни со други. Не многу долго потоа, можеше да се види како небото се полни со чад. За пет минути можев да видам пламен на ридот околу нас. Потоа се вклучи алармот на хотелот, вели тој.

Семејството се вратило во својата соба за да го спакува рачниот багаж и да ги земе пасошите пред да избега на плажата.

– Имаше многу хотелски персонал, кој велеше: „Излези, бегај“. Имаше целосен недостиг на каква било структурирана поддршка. Имаше многу хистерија. Бевме покриени со пепел, сонцето беше целосно покриено со жолт чад, рече Мејсон.

Семејството беше поделено бидејќи локалните жители ги однесоа со чамци во две околни заедници пред да бидат повторно обединети неколку часа подоцна во центарот на Линдос.

Претходна вестСлупчанци сега бараат да им се простат долговите за струја, да не плаќаат сметки повисоки од 3.000 денари, бесплатни приклучоци за нови куќи…
Следна вестХрана која го уништува мозокот