Без дозвола, пијан со автомобил на татко му, прегазил до смрт велосипедист и избегал

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против едно лице на 25 години, без дозвола, со автомобилот на татко му и под дејство на алкохол во Маџари удрил и усмртил велосипедист.

-На 4 декември, осомничениот 25-годишник, управувал со автомобилот Форд фокус во сопственост на неговиот татко, без да поседува важечка возачка дозвола, под дејство на алкохол од 1,65 промили и со присуство на тетрахидроканабинол во крвта и урината. На крстосница на улицата „Маџари“ со улицата „Палмиро Тољати“ не почитувал поставени знаци за пат со првенство на минување, а брзината на движење не ја приспособил кон состојбата и условите на патот и кон густината на сообраќајот. Свесен дека поради ова може да настапи штетна последица, се согласил со нејзиното настапување, па со возилото со кое управувал удрил во задниот дел на велосипед марка „РОГ“, управувано од едно оштетено лице. По несреќата, наместо да укаже помош, осомничениот веднаш го напуштил местото. Велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место, соопшти МВР.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и очевидците на несреќата, како и оправдан страв дека тој би можел да го повтори кривичното дело​.

Претходна вестБензините се намалуваат за 3,5 денари
Следна вестУтре и задутре свечени богослужби по повод празникот посветен на Св. Климент Охридски