Би пробал ли Ковачевски да биде градежен работник 10 часа во еден ден?

Јавноста во Македонија и понатаму е скандализирана од намерата на власта да прави законски измени за потребите на изградбата на новите патишта од страна на странскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Особено се реагира на тоа дека работното време би се зголемило од 40 на 60 часа неделно.

Синдикалците ова го нарекоа обид работниците да станат полу-робови. Но, Владата има свое мислење за овие работи.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера ја откри тајна на доброто работење: да се работи подолго со помалку луѓе! На тој начин, како што тој објасни вчера, ќе се зголемела продуктивноста, помалку работници ќе работат повеќе часови и со тоа поголем дел од финансиите предвидени за изградбата на автопатиштата во земјава ќе останат дома. 

– До сега во градежниот сектор многу компании имаат побарано слични измени и до Владата со оглед на тоа дека самиот сектор подлежи на сезонски варијации кои зависат од времето. Тоа се побудите со кои сакаме да направиме законски измени со кои подобро ќе се искористат ресурсите и второ се забрзува работата и се зголемува продуктивноста на овие работници, објасни Ковачевски.

Тој додаде и тоа дека за да се работи повеќе ќе треба и самиот работник да даде своја согласност, како и тоа дека секој прекувремен работен час ќе биде платен.

Па добро бре, како на ова до сега се немаме сетено? Па овој рецепт на Ковачевски сигурно ќе не извади од кризата.

Но, се сети ли премиерот на една друга работа – може ли еден градежен работник секој ден да работи по 10 часа на сонце, на ветер, на… Се издржува ли тоа на подолг период, какви би биле импликациите по продуктивноста, здравјето…?

На ова одговор може да даде самиот Ковачевски. Него го примени својот рецепт на неговите министри – нека работат барем една недела 60 часа и тоа во своите удобни канцеларии. А премиерот за да се добие покомплетен одговорот на дилемата нека тој, Груби и сите други најзаангажирани околу градењето и законските измени пробаат барем еден ден – 10 часа да бидат градежни работници.

Потоа полесно ќе заземат став околу најавените законски измени и околу тоа како се зголемува продуктивноста.

Претходна вестНоваковски на чело на работната група за изборните реформи
Следна вестИндија оваа година станува побројна од Кина