Блажо Тодоровски се бореше против бугарскиот окупатор, а народот го запамети како добриот чичко

????????????????????????????????????

Борбата против сите неправди коишто му се правеле на македонскиот народ било она што го исполнило речиси целиот животен пат на народниот херој Блажо Тодоровски – Чичето. Роден во 1902 година во село Ресава кај Кавадарци и живеејќи во крајна сиромаштија  тој многупати имал прилика да ги почувствува сите неправди коишто му се правени на народот. Тоа била и главна причина за да својот животен пат го посвети на ослободувањето на народот од сите угнетувања.

Неговиот бунтовен дух се покажал уште во периодот на српската окупација на Македонија во Кралството Југославија. По капитулацијата на Кралска Југославија и новата бугарска окупација на Македонија, се поврзал со партиската организација во Кавадаречко, и во летото 1941 година станал член на КПЈ. Во декември 1942 година ги примил партизаните од разбиениот Велешки одред, а во април 1943 им се приклучил на партизанските групи кај Полошкиот манастир во Тиквешко, од кои е формиран Тиквешкиот одред Добри Даскалов, а бил избран за негов заменик-командант.

Од почетокот на 1941 година бил активен во собирање на оружје и материјали за востание против бугарската фашистичка окупација. Ги крстосувал селата низ Тиквешијата, особено пред формирањето на одредот Добри Даскалов. Чичето, кое му е партизанско име, формирал групи за прифаќање на илегалните кадри и за нивно префрлање во македонските вооружени формации за борба против Бугарите.

Во мај 1943 година тој е во стројот на одредот Добри Даскалов. Прекален и со искуства уште во борбата за правда против српските окупатори, против новите бугарски окупатори. Тој уште од првите борби на одредот бил пример за храброст и бил поттикнувач на моралниот и борбен дух кај борците на македонскиот отпор во Тиквешко.

Народниот херој Чичето особено се истакнал во битките кај селата Ресава, Гарниково, Бојанчиште и други. Подготовките по селата кои тој предходно ги поминал и организирал силни народни ќелии за македонската герилска помош, се покажале токму кога тоа им било нужно на борците. По сите села низ Тиквешијата македонските борци биле прифаќани и помагани со се што можел да им помогне народот – храна, облека, оружје, помош за лекување на ранетите и друго. Во тој период, во Тиквешко, тој станува и омилен меѓу народот како „добриот чичко Блажо“.

Во јуни 1943 година одредот добил задача да изврши напад на бугарски сили во селото Никодим, а комадир на јуришната група бил токму Чичето. Предводејќи ја ударната група, Чичето успешно го води нападот и притоа му нанесуваат големи загуби на бугарскиот окупатор. Но, во жестокиот судир, Чичето бил ранет и останал отсечен од другите борци, но и сам и тешко ранет продолжил да дава жесток отпор. Кога муницијата му привршила, сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на окупаторот.

Неговата смрт болно одекнала низ Тиквешијата. За народен херој на Македонија е прогласен на 11 октомври 1953 година.

Претходна вестПретпладне сончево, попладне со изолирани поројни дождови и грмежи
Следна вестЕпидемиологот Даниловски: Авиодезинсекцијата против тигрестите комарци треба да се укине