Борел: Војната во Украина може да се замрзне како во Кореја

Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност смета дека војната меѓу Русија и Украина „можеби нема да заврши, туку ќе се замрзне како војната во Кореја од пред 70 години“.

-Во Кореја, двете страни постигнаа примирје и прекин на огнот со што се воспостави линија на раздвојување. Тоа би можело да биде излезот од овој конфликт, изјави Борел.

Тој смета дека „Украина и Русија ќе мора да се повлечат од своите сегашни позиции за да постигнат сценарио како она во Кореја“, рече Борел. Тоа значи дека Киев и Москва треба да престанат да бараат, да бранат или да освојуваат територија.

Договорот за примирје во Кореја, кој сè уште е во сила, беше потпишан во 1953 година од страна на Северна Кореја и Соединетите Американски Држави, во улога на сојузник на Јужна Кореја. Договорот ги прекина воените операции, а требаше да биде основа за иден дефинитивен мировен договор, кој до денес не е реализиран.

Со договорот се воспостави демилитаризирана зона.

-Но прерано е да се размислува за (мировни) преговори, рече Борел, кој верува дека сега не е време двете страни да седнат на маса, исто како што не е момент да се вложуваат напори во реконструкција на земја.

Борел нема намера да води мировни преговори бидејќи тврди дека Русија не ја прифаќа ЕУ како посредник. „Лавров (министерот за надворешни работи на Русија) секогаш претпочита директно да разговара со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ отколку со мене“, рече тој.

Претходна вестДобро е, МЗТ почна да победува во АБА-лигата
Следна вестРусија ќе ја напушти УЕФА, ќе игра фудбал во Азија