Љубовта и почитта кон животните и ја пренеле родителите уште од дете. За 31-годишната скопјанка Маја Трајчева тоа се развило во потреба да им помага. При случајна средба со кучето Мина го вдомила и сега таквото помагање и е честа појава. Мина ја вдомила од здружение од Битола кое претходно ја нашле на улица. Подоцна, од неа научила колку чиста душа имаат кучињата, колку умеат да дадат, а колку малку бараат за возврат. Така започнала убавата приказна за Маја којашто последниве неколку години се грижи за бездомните кучиња не само во Скопје. Ги наоѓа на најразлични локации, оставени, често повредени и изнемоштени и болни. Ги зема, ги храни, ги лекува и, најчесто, ги дава на вдомување на луѓе кои сакаат да се грижат за нив.
-Лани, додека со мојот партнер Мартин шетавме покрај Ѓуришки манастир, сретнавме неколку кутриња и мачиња. Им ја дадовме целата храна која ја имавме со нас. Меѓутоа едно кутре, кое беше најплашливо и најмало од сите, неможеше никако да дојде на ред до храна од другите. Беше во лоша состојба, преслабо, преплашено и со искривени нозе. Го земавме и со правилна исхрана, нега, витамини и многу љубов за брзо сето тоа беше надминато. Неколку месеци подоцна го најде својот дом од соништата, во кругот на семејство, ни вели Маја.
Наскоро пак сретнале ново куче и него го вдомила и набрзо му нашла нов дом…
–Не е лесно да се грижиш, но сите потешкотии се забораваат во моментот кога ќе ги видиш како среќно живеат во своите нови домови. А бројот на бездомните животните во последните година-две драстично порасна. Проблемот со бездомините животни е долгогодишен и општествен. Пред сѐ се должи на нашата култура и перцепцијата која ја имаме за тоа како се чува домашен миленик. Кастрација/ стерилизација е мисловна именка и така доаѓаме до неконтролирано парење и исфрлање на тие кутриња. Отсуство – неспроведување на законите за пријавени одгледувачници исто така води до неконтролирано парење, објаснува таа.
Маја смета дека клучно за решавање на проблемот со бездомните животни е менувањето на нашиот однос кон нив. Но, вели, бесмислено е да очекувате од луѓе кои не знаат да се грижат за работите направени за нивен благодет, да се грижат за бездомните животни. Сепак, вели таа, доколку има поголема едукација за правилна грижа и чување на миленик, спроведување на законите, помош од државата за државните и приватните стационари, состојбите би можеле да се подобрат.
Ќе продолжам со поголема активност
Маја верува дека сите постоиме за некоја поголема цел на овој свет и дека вистинскиот предизвик е да дознаеме која е таа „животна мисија“.
–Моето „зошто“ е да им помагам на животните, верувам дека ќе продолжам со поголема активност на тоа поле во иднина. Ќе оставам времето и животните случувања сами да ме водат напред кон оформувањето и остварувањето на некоја поконкретна и поголема цел. Желбата и неизмерната љубов кон нив ќе ми го покажат патот до следното нешто, ни вели Маја.