Браво за волонтерите: Помагаат на деца да победат во најтешката здравствена битка

Наша цел како волонтери е да ги израдуваме дечињата, за миг да им  го олесниме престојот во болницата и да ги оттргнеме од секојдневната монотонија, велат Андријана Серафимовска, Тео Тасев, Теодора Трајковска и Бојан Ристовски

 

Низ што се тешко поминуваат малите деца кога се борат со карциноми знаат најдобро тие самите. Знаат и колку е важна желбата да се победи опаката болест, колку е важна поддршката која ја добиваат во таа борба. А кој може да помогне подобро од оние кои самите ја поминале таа тешка и неизвесна битка, кои знаат колку е тешко во детските души да се бориш со болеста, врзан за болничката соба… Таква една мисија на помагање на децата болни од карциноми на Детската клиника веќе долго време ја прават четири волонтери од Здружението „САНО“ – Андријана Серафимовска, Тео Тасев, Теодора Трајковска и Бојан Ристовски кои порано и сами биле болни, но успеале да оздрават. Со нив беше и Филип Димишковски, но, за голема жал, тој подоцна почина не успевајќи до крај да ја заврши битката со тешката болест. До почетокот на кризата со корона вирусот речиси да немаше ден кога овие волонтери не беа во болничките соби на клиниката, покрај болните деца.

Наша цел како волонтери е да ги израдуваме дечињата, за миг да им го олесниме престојот во болницата и да ги оттргнеме од секојдневната монотонија. Заедно разговаме на теми за кои тие пројавуваат интерес. Се зависи од возраста и желбите на децата. Со помалите дечиња цртаме, боиме или пак си играме со играчки, им читаме приказни, а со постарите водиме разговор или пак играме некои друштвени игри како „Не лути се човече. Кога имаме работилници како правење на фигури од глина или пак изработка на предновогодишни рачни изработки работиме сите заедно, ни велат Теодора Трајковска и Андријана Стефановска.

Бојан Ристовски и Тео Тасев, пак, наведуваат дека до сега им помагале на повеќе деца.

За време на овие две години волонтерски сме помогнале приближно на 20 дечиња. На одделението има мали, речиси бебиња, но и тинејџери. Сме сретнале деца од 1-2 години па се до 17-18 години. Ова болест не бира години. Сите деца во болница се исти, и имаат само една желба,  да си одат дома здравиНашата работа е да им го одвлечеме вниманието на децата во болница и на миг да заборават на боцкањата, болките, тетките во белите мантили и да се чувстуваат како дома, како да играат со другарче, велат Бојан и Тео.

Сите четворица ни велат дека на децата на лицата им се гледа дека уживаат во дружбите.

-Реакциите им се секогаш позитивни, нетрпеливо чекаат да дојдеме, да почнеме да цртаме, читаме… Задоволни се и нивните родители кои можат да престојуваат во „Родителска куќа“ создадена за нивни потреби додека детето се лекува. Насмевката на детето ни е најубава награда, уште поубаво е кога по лекувањето ќе ни се јават да прашат како сме, ни велат Теодора, Андријана, Тео и Бојан кои неодамна за овој свој доброволен ангажман добија и највисока награда на Градот Скопје „13 Ноември“.

На Детската клиника и неодамна ѕвонеше ѕвончето кои означи дека уште едно дете оздравело од карцином. Во тие победи има и голема заслуга на овие вредни волонтери кои едвај чекаат да заврши пандемијата со корона вирусот за да им се вратат на дружењето со децата.

Собир на сите излечени деца од Европа

Младите волонтери наведуваат дека не се ограничуваат само на децата од онколошкото одделение. Лани, на пример, имале проект „Читање на приказни“ на кој се пријавија и 40 други волонтери кои им читаа приказни и си играа со децата од сите оддели на Детската клиника за да и ним им се олесни престојот.

-Сега желба ни е да се случи и еден голем интернационален камп, кој го планира САНО. И во кој би учествувале деца кои победиле рак од цела Европа. Тоа е нешто што сите го посакуваме, ни рекоа волонтерите.

Претходна вестРодителите си ги прежалиле за неколку години, а по Тито се уште жалат
Следна вестШто бидна со истрагата околу доделувањето грантови во Фондот за иновации?