Што бидна со истрагата околу доделувањето грантови во Фондот за иновации?

Што бидна со истрагата околу спорното доделување на грантови односно многу пари на неколку компании и лица од Фондот за иновации и технолошки развој? Нели таа истрага одамна почна да ги расчистува работите?

Помина речиси месец дена откако Јован Деспотовски повеќе не е директор на Фондот за иновации и технолошки развој, а на негово место заседа Коста Петров. Заминувањето на Деспотовски беше експресно откако Владата на седницата ја прифатиле неговата оставка на која самиот се решил. Веќе два дена подоцна истата Влада го именува за в.д. директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони во бранот на именувањата на функционери кои се извршија во текот на овој месец и покрај забелешките на Антикорупциската комисија дека таквите именувања се злоупотребуваат.

Со тоа како да се затвори поглавјето на Деспотовски во Фондот за иновации и технолошки развој. Но, дали така треба и да биде? Посебно заради тоа што јавноста до денеска не ги доби резултатите на истрагата за спорното доделување на грантовите од страна на ФИТР во јули 2018 година. Тогаш, полициските екипи влегоа во просториите на Фондот откако избувна скандалот со доделувањето на грантовите тешки 10,5 милиони евра на 80 компании во Македонија.

Во јавноста тогаш излегоа сознанијата дека парите биле доделувани на компаниите чии сопственици или косопственици се јавни личности, функционери на СДСМ и нивни роднини, но и медиуми блиски до власта. А не се работеше за мали пари бидејќи грантовите изнесуваа од 160.000 па дури и до 330.000 евра за фирмите блиски до тогашниот пратеник, тогашен министер…

Тогаш и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал оформи предмет по допрен глас по објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој. Фондот само одговори дека „немаат мандат ниту обврска да вршат анализа на сопственичкиот капитал на компаниите што аплицираат“.

Што се случи со острагата остана непознато. На јавноста не и се соопшти дали имало или немало злоупотреби. Околноста дека некои функционери и фирми тогаш се откажале од грантовите не може да биде причина истрагата да не утврди дали и како некој се обидел да ги злоупотреби државните пари.

Претходна вестБраво за волонтерите: Помагаат на деца да победат во најтешката здравствена битка
Следна вестВо ковид – центрите во Скопје вчера се примени 30 нови пациенти