Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски во денешното гостување во „Ја сакам Македонија“ на Сител рече дека денеска добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку македонските граѓани треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.
Ги повика пратениците во Собранието да поддржат и измени за продолжување на рокот на важност на патните исправи.
– Денеска добив написмено информација каде комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок, ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70.000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме. Тие без проблем ќе може да отидат во Унгарија и Чешка, ама нема да можат да излезат од Македонија ако дојдат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме – Само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владеачката структура – од СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче, рече тој.
Кога пратениците го продолжија рокот на важност за возачките дозволи, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи и измени со кои би се продолжил рокот на важност на пасошите. Меѓутоа, пратениците не успеаја да се договорат, па овој предлог не се најде во распоредот во Законодавниот дом. ВМРО-ДПМНЕ бараше продолжување на патните исправи до крајот на годината.