Бришење или кинење на хартијата

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Пред еден месец беше разгласена темата за бугарско-македонските односи и ЕУ низ призмата на договорот од 2017 г. и заедничката комисија за историски прашања. Темата, беше само разгласена од одредени претставници на партијата, која милува да се претставува како најголем опозициски фактор. И толку!

Потоа се јавија и од спротивната страна релативизирајќи ја темата до карикирање (со Денковци и др.). Впечаток прави,  тоа што лошата политичка дејност на позицијата во врска со оваа прашање, треба да добие покритие и научен легитимитет со ангажирањето на академски претставници во спомената комисија, која пак не ги обзнани методите и принципите на работа.

Очекувано оваа внатрешно-политчка пародија, беше засилена и со изјави, условувања, брошури и од бугарска страна. Темата предизвика внимание и гласност сред македонската јавност, заради отвореното негирање на македонските постигнувања и вредности – научните, образовните и културните институции кои преку 70 г. создаваат, работаат и пред светот го претставуваат нашиот национален идентитет.

Сега оваа тема добива нов израз и вредност, затоа што за неа сега ни зборува актуелниот француски амбасадор во нашата држава. Овој политички авторитет на европската заедница со подсмешлив израз на лицето и бајата реторика за „изнаоѓање на заеднички прифатливи решенија“ ни ги фрасна в лице задачите – ќе направите онака како што бара „великобугарската“ страна, кој патем е вистински репрезент на европските вредности.

Ова пак не треба да биде каков било проблем, затоа што според дипломатот „двете нации се согласуваат дека имаат зеднички историски и културни корени“. Уште повеќе, тој не заборава да ја прати пораката, дека и во случај на нови политички резултати на најавените избори, ќе треба да се помириме со словото на Договорот за добрососедство и реализирање на одредбите во практика!

А, ние вистинските Македонци си мислиме, доброто во оваа ситуација е тоа што хартијата трпи сè – бришење или кинење!