Британците гласаат, лабуристите фаворити

Милиони Британци денеска гласаат на првите парламентарни избори од 2019, по кои се очекува промена на власта и нов премиер да стане лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер.

Владејачките Конзервативци практички го признаа поразот уште пред изборите, предупредувајќи дека Лабуристите би можеле да остварат рекордно убедлива победа. Анкетите исто така предвидуваат голема победа на Лабуристите, со која ќе се стави крај на 14-годишното владеење на Конзервативната партија, а 61-годишниот Стармер од утре ќе биде нов премиер.

Според една анкета, Лабуристите би можеле да освојат мнозинство од 212 места во парламентот, најголемо на која било партија во модерната историја, додека самите Конзервативците се спремаат за својот најлош изборен резултат досега.

-Целосно ги прифаќам анкетите кои велат дека Лабуристите ќе го имаат најголемото мнозинство во историјата на земјата, изјави вчера конзервативниот министер Мел Страјд.

Кир Стармер изјави дека Британија од петок може да започне ново поглавје.

-Не можеме да си дозволиме уште пет години под Конзервативците. Промената може да се случи ако гласате за Лабуристите, кажа Стармер вчера.

Премиерот Риши Сунак предупреди дека новата влада ќе ги покачи даноците, ќе го попречи економското закрепнување и ќе ја остави Британија поранлива во време на геополитичките тензии, што Лабуристите го негираат.

Стармер, поранешниот јавен обвинител на Англија и Велс, ја презеде партијата од Џереми Корбин во 2020, по нејзиниот најтежок пораз на изборите во последните 84 години и ја приближи повеќе кон политичкиот центар.

Претходна вестМакедонците во Бугарија за Радев: Тој е со двојни стандарди и бескрајно далеку од реалноста
Следна вестНајавено големо невреме на Халкидики, на туристите им е испратено предупредување преку СМС