Бројот на активни пушачи во Македонија е 45.4 отсто

Македонија е меѓу земјите во светот со најголеми стапки на граѓани – активни пушачи, покажуваат истражувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

-Бројот на активни пушачи кај нас изнесува 45.4 отсто, со многу низок процент на луѓе – пет проценти, кои успешно се обиделе и откажале од пушење во последните години, соопшти денеска ИЈЗ по повод 31 мај – Светски ден против употреба на тутун.

Во советувалиштата за откажување од пушење, што функционираат во склоп на центрите за јавно здравје низ целата држава, има многу мала посетеност. Во 2023 година во советувалиштата за откажување од пушење се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка.

-Односно, нема голема заинтересираност за откажување од пушењето кај населението, потенцираат од Институтот.

Оттаму нагласуваат дека како еден од најголемите и најзастапените ризик фактори кај речиси сите видови хронични незаразни заболувања, употребата на тутун сериозно придонесува кон нарушувањето на општото здравје на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови заболувања, може да се јават како последица од редовна употреба на тутун.

И покрај сите релевантни институции во државата што работат на намалување на употребата на тутун, вклучително со континуираната едукација на населението, за жал нема голем напредок во обидите да се намали преваленцата на пушењето во државата. Иако Република Македонија во 2006 година ја ратификуваше Рамковната конвенција за контрола на тутунот (ФЦТЦ) на Светската здравствена организација и низ годините имало напори за да се зајакне здравствената регулатива поврзана со употребата на тутун.

-Во последните години има застој на ова поле, со укинување на забраните за пушење во терасите од угостителските локали, а дополнително се дозволи употреба на електронските уреди што го загреваат, а не го горат тутунот (ХТТП) во јавни затворени локали, додаваат од ИЈЗ.

Според достапните информации, над 38 милиони млади луѓе на возраст меѓу 13 и 15 години користат некаков облик на тутун.

Претходна вестОд јули: Шишињата со неотстранливи капачиња задолжителни низ ЕУ
Следна вестБуши од денеска ќе раководи со МВР