Претседателот на Бразил Луис Инасио Лула да Силва во понеделникот призна дека неговата земја „не била подготвена“ за историските поплави што го погодија нејзиниот југ и предизвикаа трагедија во која загинаа најмалку 147 луѓе и продолжуваат поради обилните дождови.
Тој најави дека в среда ќе отпатува во сојузната држава Рио Гранде до Сул, трет пат од почетокот на невидените временски непогоди пред две недели. „Ова е катастрофа од размери за кои не бевме подготвени“, рече Лула за време на состанокот со министерот за финансии Фернандо Хадад и други официјални претставници, на кој од далечина присуствуваше и гувернерот на државата, Едуардо Леите.
Според последните податоци што во понеделникот ги објави Цивилната одбрана, загинале 147 лица, 806 се повредени, а 127 се водат како исчезнати. Повеќе од 600.000 мораа да ги напуштат своите домови, вклучително и повеќе од 77.000 сместени во училишта и спортски сали претворени во засолништа.
Во областа Хармонија во градот Каноас, предградие на регионалниот главен град Порто Алегре, жителите се вратија во своите домови за да го проценат степенот на штетата и да го спасат она што сè уште може да се спаси. „Во октомври имаше поплава, а сега изгубив сè“, изјави за АФП Алседир Алвес, 58-годишен ѕидар.
Обилните дождови, кои експертите ги поврзуваат со глобалното затоплување и природниот временски феномен Ел Нињо, погодија повеќе од два милиони луѓе.
Меѓу нив има најмалку 80 домородни заедници, според Домородниот мисионерски совет на Бразил. Во понеделникот, владата соопшти дека доставила пакети со храна и вода за пиење на 240 семејства во три такви заедници во долината Таквари.