Будни се во секторот – македонско образование?

Полека, полека се ближат деновите кога ќе почне новата школска година. Да, основците и средношколците во Македонија се уште имаат денови за опуштање од летниот распуст, но дали би требало да се опушти и ресорното министерство?

Образовниот систем е во голем хаос. За да се среди тоа треба сериозна работа и за одговорните не треба да има летен распуст.

Ќе има ли учебници за сите ученици? Минатата школска година многу наставници и ученици мораа да се снаоѓаат и да учат од скрипти, фотокопии, преку диктати… Имаше и необичен светски рекорд: еден учебник, тој по Македонски јазик за петто одделение ушениците го добија дури десетина дена пред крајот на учебната година!?

Тоа сега веќе е премавнато?

Сите се сеќаваме и на скандалозното полагање на матурскиот испит по англиски јазик кога се откри дека тестот е споделен на вибер-група со околу седум илјади ученици. Надлежните почнаа да се обвинуваат меѓусебно за тоа кој бил одговорен…

Се откри ли кој е виновен, се реши ли работата за да не се повтори?

Реформата на реформата која го реформира веќе реформираното образование до каде е? Да не треба да се направи сосема нова и темелна реформа?

Да, да… ѕвончето за почеток на класниот час за Министерството за образование, за Бирото за образование, за Државен испитен центар, за сите комисии задолжени за издавање на учебниците… одамна ѕвони.

Го слушаа ли? Времето за будење одамна помина, разбудени се?

Претходна вестЦената на нафтата се искачи над 88 долари за барел
Следна вестСе продаваат двата стана од Мијалков во Охрид и земјиште на Кожуф и скопско Морани