Бугарската виолинистка Албена Данаилова ќе настапи како солист со Македонската филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија на 21 декември (четврток), со почеток во 20 часот, ќе го изведе концертот насловен „Бескрај“ на кој како солистка ќе настапи бугарската виолинистка Албена Данаилова, а диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија). На програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур од Јоханес Брамс и Симфонијата во де-мол од Цезар Франк.

Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, опус 77, Јоханес Брамс го напишал во 1878 година и му го посветил на својот пријател, виолинистот Јозеф Јоаким. Ова е единствениот концерт за виолина што го напишал Брамс, кој според Јозеф Јоаким е еден од четирите најдобри германски виолински концерти. Концертот премиерно бил изведен во Лајпциг, на 1 јануари 1879 година.

Симфонијата во де-мол е ремек-дело на францускиот композитор Цезар Франк – финален тестамент што оставил траен белег во неговиот музички опус. По две години работа, Франк ја завршил симфонијата во август 1888 година, а таа премиерно била изведена во Парискиот конзерваториум, на 17 февруари 1889 година, под диригентската палка на Жул Гарсен. Франк му ја посветил оваа симфонија на својот ученик Анри Дупарк.

Албена Данаилова е родена во Софија, во семејството на виолинистот Бојан Данаилов и пијанистката Виолета Попова. Дипломирала виолина кај проф. Љубомир Пипков во Националното училиште за музика и на Академијата за музика „Панчо Владигеров“, во класата на проф. Нели Јелева и Дора Иванова. Лауреатка е на натпреварите „Светослав Обретенов“, Млади музички таленти, „Тибор Варга“ (Швајцарија), „Виторио Гуи“ (Италија) и др.

Во 2001 година дипломира на Универзитетот за музика и театар во Росток, Германија, кај проф. Петру Мунтеану, а го продолжува своето усовршување и со мастер-часови кај Ида Хендл и Херман Креберс, меѓу останатите. Истата година се вработува како втора виолина во Баварскиот државен оркестар, каде во 2003 година станува водач на први виолини, а во 2006 година – концерт-мајстор. Во сезоната 2003/2004 година, Данаилова свири и со Лондонскиот филхармониски оркестар.

Албена Данаилова е прва жена која станува концерт-мајстор на познатата Виенска филхармонија, која важи за прилично конзервативна институција. Оваа позиција ја доби по аудицијата во 2008 година, односно по двегодишна работа во овој престижен светски оркестар. Данаилова има и успешна солистичка кариера, а воедно настапува и како камерен музичар. Редовно настапува во родната Бугарија, во Германија, Израел, САД. Од 2019 година работи и како професор по виолина на Државниот универзитет во Виена.

Повеќе од три децении Најден Тодоров достигнува нови врвови во разни жанрови и се наметнува како диригент на најпрестижните сцени во светот. Неговата професионална кариера почнува во пловдивското музичко училиште „Добрин Петков“, каде што на 16-годишна возраст дебитира како диригент.

Студирал диригирање кај Крстју Марев и Александар Владигеров, од 1993 година бил студент кај Урош Лајовиц и Карл Остерајхер на Универзитетот во Виена, во 1996 година специјализирал на Музичката академија „Рубин“ во Ерусалим, кај Менди Родан. Магистрирал на Новиот бугарски универзитет, докторирал на Универзитетот во Лондон и на насоката културен менаџмент на Новиот бугарски универзитет.

Првиот постојан меѓународен ангажман го добива во 1998 година, во Хаифа, Израел, каде што е избран, меѓу повеќе од 150 кандидати, за диригент на Симфонискиот оркестар на Северен Израел. Следните години ги посетува најголемите културни центри во Европа, Азија, Африка и во Америка.

Од 2000 година, на 26 години, е музички директор на Пловдивската опера и Филхармонијата. Во 2006 година дебитира со Берлинскиот симфониски оркестар и една година подоцна е поканет да диригира на турнеја во најголемите градови во Јапонија; во 2009 година го одржува својот прв концерт во салата „Чајковски“ во Москва, а во 2010 година дебитира во Виенската народна опера со изведбите на „Оревокршачка“ од Чајковски, со Виенскиот државен балет.

Најден Тодоров диригирал стотици симфониски концерти, оперски и балетски претстави во Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Велика Британија, Романија, Србија, Република Северна Македонија, Косово, Полска, Чешка, Словачка, Турција, Русија, Израел, Египет, Кина, Јужна Кореја, САД итн.

Во 2019 година, Најден Тодоров вторпат е избран за музичар на годината, во 2020 година ја добива хуманитарната награда „Богдан Богданов“. Во септември 2022 година ја добива и наградата за култура на Град Софија, известија од НУ Филхармонија.

Претходна вестОпштина Центар започна со отстранување на нелегално поставени објекти и тераси
Следна вестРодители ги терале своите деца да питачат, добија кривична