Бугарскиот европарламентарец Јорданов исвиркан откако провоцираше во македонскиот парламент

Александар Јорданов, бугарски европарламентарец и поранешен амбасадор на Бугарија во Македонија вчера предизвика силни реакции од македонските пратеници во македонскиот парламент за време на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ. Тој среде македонското Собрание рече дека Гоце Делчев е Бугарин.

-Мора да знаете историја. Таа е вечна дисциплина. Гоце Делчев неколкупати се декларирал како Бугарин. Браќата Миладиновски напишаа зборник на бугарски народни песни кои ги нарекоа македонски само затоа што се од регионот на географска Македонија, рече Јорданов.

По ова наиде на довикувања од пратениците дека ова не е час по историја, дека има кој да расправа за тоа, дека постои историска комисија и дека историјата овде не е тема, на што тој возврати дека „историјата била европска вредност“.

-Непримерно е овде да зборувате за тоа, ниту пак имате научни докази како се чувствувале Македонците. Многу изјави на бугарски политичари не помагаат да ги направиме уставните измени. Никој не може ни да нѐ обвинува за дискриминација на етнички малцинства кога ги слушнавте пратениците Албанци како зборуваат слободно на албански јазик во парламентот. Јас само се надевам дека сите Македонци во сите земји ќе го добијат своето право за самопределување, што денес не е случај, му возврати Соња Мираковска.

Реагираше и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека нема втор пример во светот на ваков систематски начин да се удира по правото на самоопределување на еден народ, по правото да го именува мајчиниот јазик и слично и дека е крајно понижувачко Македонија да треба да ја менува историјата и да менува како се определува за да влезе во Европската унија.

-Ниту една земја, додаде тој, не била условена со ваков диктат да се прифати еднострано толкување на историјата поради што 85 отсто од етничките Македонци се против францускиот предлог кој ѝ овозможи таква позиција во преговорите на Бугарија и додаде дека ваквата политика на Софија има само контраефекти, бидејќи никој не сака да биде понижуван, потенцира Николоски.

Претходна вестСДСМ: ВМРО-ДПМНЕ Скопје го направи нефункционален град пред банкрот
Следна вестДевојче нападнато од три малолетнички во скопско Шуто Оризари