Лажни вести се обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека наводно сум сoкрил важен документ од Европската Комисија потпишан од 25 нивни членки дека до септември ќе нѐ пуштаат со старите документи, денеска Бујар Османи, министер за надворешни работи. Тој одговори на новинарско прашање откако денеска пратеникот Антонио Милошоски го обвини дека го сокрил дописот од 23 февруари, годинава, од италијанското МВР каде стои дека по препорака на Европската комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија.
Османи рече дека сето ова не е точно и е дел од таа фабрика на лажни вести коишто ја открија во ВМРО-ДПМНЕ.
-Знаете дека создале фабрика за пропаганда и лажни вести и тоа е дел од таа фабрика, којашто мислам дека наредните денови повеќе и повеќе ќе се разоткрие. Во однос на пасошите засега не се проблем европските земји. Проблем е што МВР го има сменето Законот и ги има декларирано нашите пасоши за неважечки и граѓаните не може да ја напуштат нашата граница. Така што ние воопшто не сме стигнале до проблемот со границата на земјите од ЕУ. Граѓаните со наши пасоши не можат да ја напуштат нашата граница бидејќи од нашите закони се декларирани како неважечки. Додека за враќање ние ги имаме направено и преземено сите мерки никој да нема пречка да се врати. И јас досега не сум слушнал дека некој граѓанин не успеал да се врати во државата бидејќи не можел да помине низ земји членки на ЕУ, рече Османи по денешната дебата во Старата скопска чаршија во рамки на неговата кампања за претседател.
Според него, МВР треба да каже зошто уште е бавен процесот на издавање пасоши и при тоа ја повтори неговата понуда да помогнат за да се забрза тој процес на издвање нови документи со новото уставно име.
Инаку, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски истакна што сокрил министерот Османи:
-Ова е допис од 23.02.2024 од МВР на Италија до нивната гранична полиција во кој е наведено дека, по препорака на Европската Комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година. Оваа одлука не ја прифатиле само две земји членки, и тоа Грција (со официјален допис доставен до Комисијата) и Франција (неофицијално известување до ЕК), пишува Милошоски во објавата на Фејсбук.