Чествувања: Македонскиот јазик е врежан во националната и културната меморија

Меѓународниот научен собир „Од збор до речник“ се одржува во духот на силно изразено чувство на национално достоинство. На 4 мај, првиот ден од собирот го чествуваме Гоце Делчев, нашиот идеолог, револуционер и визионер, а денеска на 5 мај, вториот ден на собирот, го чествуваме Денот на македонскиот јазик. Два датума врежани во македонската национална и културна меморија. Ова денеска го истакна д-р Катица Топлиска-Евроска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ на денешното одбележување на 5 мај – Денот на македонскиот јазик.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков “ – Скопје во оваа јубилејна година (1953 – 2023), по 27. пат ја организира традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“, во чии рамки се одржува Меѓународен научен собир „Од збор до речник“. Универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик Људмил Спасов истакна дека Денот на македонскиот јазик значи ден на гордоста, ден кога се сумираат резултатите од она што е направено и она што треба да се направи однапред.

– Ние успеавме преку Советот и благодарение на целата академска заедница, да се отвори од есенва лекторат или настава по македонски јазик на Универзитетот во Корча „Фан С. Ноли“ затоа што таму живее голем дел македонска заедница, но и други заедници… Најновата вест е дека сме на најдобар пат да се отвори таков лекторат во рамки на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, нагласи Спасов.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова Грујовска потсети дека ова е петта година како се одбележува Денот на македонскиот јазик во земјава.

На чествувањето во УКИМ ректорот Никола Јанкуловски потенцира дека во моментите кога ни се случувале и ни се случуваат безумни напади врз нашиот јазик, негирања и порекнувања на вистината, ние имаме на што да се повикаме, како на меѓународната научна потврда и легигитимација на македонистичките научни ставови и заклучоци. На 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот Кирил и Методиј (МСМЈЛК при УКИМ) која се одржа во УКИМ на денот на македонскиот јазик, Јанкуловски се осврна на постигнатото од МСМЈЛК при УКИМ во остварувањето на неговата цел од основањето во 1967 година, до денеска кога е централно академско јадро на меѓународната афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.

-Она што е објавено во зборниците од оваа конференција кои се дел од обемната издавачка продукција на семинарот е една од потврдите дека целта што е поставена во 1967 година веќе е надмината, посочи ректорот.

Додаде дека денешниот датум е особено значаен, бидејќи како што посочи тој се случил клучениот миг во кодификацијата на македонскиот јазик со кој се оствариле заложбите на Крсте Петков Мисирков од 1903 година.

-Коментирајќи ги нападите врз македонскиот јазик од некои политички и научни центри Конески во една прилика истакнал Најдостојниот одговор го даваме тогаш кога знаеме да ги цениме како што треба и да ги штитиме придобивките на јазичното поле од 1945 година како суштествена компонента на нашиот национално културен развиток, потсети Јанкуловски.

Освен ова, по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, надлежните институциии денеска организираат и други дебати и повеќе културни настани, а во вечерните часови во неколку градови низ државава ќе има светлосни и видеопроекции со цитати од македонско творештво. Одбележувањето годинава е под слоганот „Пишувај на кирилица!“, со акцент на употребата на кирилското писмо во секојдневната електронска комуникација.

Денот на македонскиот јазик е прогласен во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

Претходна вестПриведен малолетник од Мралино, насилно ограбил обложовалница
Следна вестУченик давел врсник и со нож се заканувал во училиште во скопски Аеродром