Бројни државни и други делегации денеска ја чествуваа 120-ѓодишнината на херојското загуинување на апослотолот на македонската револуцонерна борба Гоце Делчев. Тие положија цвеќе пред неговиот гроб во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Своја почит кон делото на Делчев, кој загина на денешен ден во 1903 година, искажа и претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој рече дека Делчев е една од најзначајните личности во историјата на Македонија.
-Почит за македонскиот револуционер Гоце Делчев. Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Една од нашите најзначајни историски личности. Слава му!, наведе Пендаровски.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во објавата на својото профил на Фејсбук наведе дека идеалите на Делчев се патоказ за низата генерации македонски револуционери кои се вградени во македонската државност.
-Денешниот датум, 4 мај, останува врежан во историјата како поука дека силата и иднината се во единството. Поука на која не потсетува нашиот визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев. Идеалите на Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, објави Ковачевски, се патоказ за низата генерации македонски револуционери кои се вградени во македонската државност. Тие се и наш патоказ, како прогресивна Влада, којашто посветено работи на изградбата на Северна Македонија во еднакво општество за сите и европски дом за сите граѓани, интегрирани меѓу најдемократските сојузи НАТО и ЕУ, пишува премиерот Ковачевски на фејсбук.
Во име на Владата почитта ја одаде делегација составена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик министерот за образование и наука Агим Нухиу. Пред саркофагот на великанот се поклони и делегациите на Собранието, на Министерството за одбрана, на Армијата, на Сојузот на борците, на Македонската академија на науките и уметностите, на Град Скопје, на политичките партии, на дипломатскиот кор, како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев.
И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМЕ Христијан Мицкоски се поклони пред гробот на Делчев.
-Денес многумина ќе се присетат, но малкумина јавно ќе го постават прашањето дали државата го продолжува неговото дело… Со власт која има целосно отсуство на родољубие и како никогаш порано со толку многу разнишани темели. Но било која сервилност на власта е помала од големината на неговиот завет. Неговото дело е посилно од секој удар, од секоја поделба. Идеалите на Делчев се живи, и тој столетен оган за слобода, независност и држава продолжува да пламти. Поклон за великанот, неговата борба за нашата слобода, и неговото дело за ВМРО и Македонија. И да, заедно ќе успееме да ја оправдаме неговата борба. Вечен да е споменот за Гоце Делчев, напиша во својата објава Мицкоски.