Членови на избирачки одбори си одлучиле да не користат биометриските уреди

Уредите за биометриска идентификација на некои избирачки места биле ставени во втор план за време на денешниов изборен ден. Државната изборна комисија добила и информации дека на повеќе избирачки места членовите на избирачките одбори на своја рака престанале да ги користат уредите за биометриска идентификација и гласањето го продолжиле со УВ ламба и спреј.

Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) вели дека иако засега информациите им се неофицијални, апелирал да се продолжи со користење на уредите оти во спротивно гласањето може да биде поништено, а членовите на избирачките одбори кои го дозволуваат тоа да се казнети.

-Тоа се незаконски одлуки на тие лица, треба да продолжат да гласаат со апаратите. Во спротивно, поради измените, гласањето ќе биде поништено, а лицата санкционирани оти е без одлука на ДИК. За да не дојде до ова апелирам да се гласа со користење на уредите. ДИК има донесено решенија да се гласа со УВ ламба и спреј само на шест избирачки места, кои се главно планински со исклучок на Чаир и Ново Село, кои се пристапни. Не знаеме точно кои се местата на кои е дозволено вакво гласање, има неколку во Скопје, во Кичево и други не знам. Затоа ги предупредувам сите на законската можност за поништување на гласањето, рече претседателот Даштевски, пренесува „Макфакс“.

Според податоците на ДИК во 98,97 отсто од избирачките места уредите работеле исправно и нема причина да се прекине употребата на биометриските уреди.
„Апелирам до крајот на гласањето да се употребуваат уредите посебно поради тоа што знаеме дека вообичаено пред крај на гласањето има тенденција за обиди за неправилности“, предупреди претседателот Даштевски.

Има посебна процедура за пријава на неисправен уред на гласачките места која предвидува ИТ лицето да ја извести општинската изборна комисија, а таа да ја извести ДИК за да се донесе решение за гласање со УВ ламба и спреј..

Претходна вестДенеска гласале 10.653 лица, гласањето е без проблеми оцени ДИК
Следна вестПриведен гласач во Скопје – искинал три гласачки ливчиња